Непознат сопственик на крипто-паричник инвестирал 7.800 долари во биткоин пред 14 години – денес вреди над милијарда

Точка

05/07/2025

11:38

494

Големина на фонт

а а а

Еден од најстарите биткоин паричници се „разбуди“ по 14 години: во една трансакција беа префрлени 10.000 BTC, вредни над една милијарда долари, објави „Trading View“.

Паричникот, кој не покажувал никаква активност повеќе од 14 години, оваа недела ненадејно ја префрли целата содржина од 10.000 BTC, во вредност од 1,09 милијарди долари, на нова непозната адреса. Монетите биле набавени на 3 април 2011 година, кога еден биткоин вредел само 0,78 долари – што претставува неверојатен принос од 140.000 пати, претворајќи скромна инвестиција од 7.800 долари во милијарди.

Он-чејн аналитичар ја откри трансакцијата, истакнувајќи дека паричникот префрлил целосна сума без никаква тест-трансакција – нешто крајно невообичаено кај вакви суми.


„Уште еден "OG" биткоин паричник штотуку префрли 10.000 BTC (1,09 милијарди долари) по 14 години неактивност. Во тоа време BTC вредеше 0,78 долари – принос од 140.000 пати!“, напиша Lookonchain.

Сè уште нема знаци дека средствата се појавиле на некоја берза, што во заедницата предизвикува шпекулации дали станува збор за продажба, интерно префрлување во ново складиште или стратегија за управување со имотот. Датумот на набавка – април 2011 – го позиционира сопственикот меѓу првите корисници на биткоин.

Што значи „будење на китовите“?

Овие 10.000 биткоини беа недопрени 14 години, додека криптовалутата прераснуваше од дигитална љубопитност во институционален финансиски инструмент, преживувајќи бројни падови, регулаторни удари и технолошки промени. Вакви будења на „китови“ стануваат сè почести – неодамна еден паричник префрли 252 милиони долари по осум години неактивност, а друг 2.000 BTC по 14 години.

„Arkham Intelligence“ објави дека друг голем „кит“ продал 11.400 BTC со профит од 2.400 BTC, зголемувајќи го своето вкупно портфолио на над 15.000 BTC – вредни околу 1,3 милијарди долари.


Постојат повеќе можни причини за овие движења: лична потреба за ликвидност, планирање на наследство или префрлање на средства кај институционални „custodians“ кои нудат професионално управување со дигитален имот.

Недостигот на тест-трансакција е особено необичен, бидејќи при вакви огромни суми, корисниците најчесто прво праќаат мала количина како проба.

Трговците често ги толкуваат ваквите потези како потенцијални сигнали за продажба, иако подоцна се покажува дека многу од нив се само трансфери за чување, а не за трговија.

Големо пренасочување на биткоинот

Ова „будење“ на раните сопственици се случува во време на значајна транзиција – од анонимни индивидуалци кон институционални инвеститори. Се повеќе токени се движат кон "ETF" фондови, корпоративни трезори и дури државни резерви.

Показателите покажуваат дека големите приватни сопственици во последната година продале над 500.000 BTC, вредни повеќе од 50 милијарди долари – сума што речиси одговара на приливите во американските биткоин "ETF" фондови.

Податоците од „CryptoQuant“ покажуваат дека долгорочните инвеститори од јануари акумулирале над 635.000 BTC, додека краткорочните сопственици продале повеќе од 460.000 BTC.

„Долгорочните биткоин сопственици акумулираат BTC од јануари, додека трговците применуваат ’bullish‘ стратегии со опции – што покажува доверба и покрај нестабилноста на пазарот“, пишува „Cryptorank“.

Извршната наредба на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за формирање на Стратешка Биткоин Резерва додаде уште еден институционален слој. Но, пазарната реакција беше слаба, бидејќи резервата ќе се финансира најмногу од постоечки државни средства.

На ниво на федерални држави, ситуацијата е различна – 26 држави предложиле 47 закони за воспоставување биткоин резерви. Наспроти тоа, Конектикат неодамна усвои закон со кој целосно се забранува државно инвестирање во дигитални средства.

Значајно е тоа што оваа транзиција – од анонимни „китови“ кон институции – би можела да го одржи пазарниот тренд во наредните години, создавајќи, како што вели генералниот директор на „10x Research“, Маркус Тилен, „постепен премин кон биткоин како средство што ќе сочинува 10 – 20% од институционалните портфолија“.