Овој бенд се појави од никаде и за 15 дена објави два хит-албума: Сега е ОТКРИЕНО дека станува збор за „уметничка измама“ и вештачка интелигенција

Точка

03/07/2025

19:04

502

Големина на фонт

а а а

Психоделичниот рок "AI" бенд "The Velvet Sundown" се појави буквално од никаде и веќе собра повеќе од 750.000 месечни слушатели на "Spotify", објави два албума за само 15 дена, а трет се очекува на 14 јули.

Супер успех – но бендот не е вистински. Сите членови, Гејб Фаро, Лени Вест, Мило Рејнс и Орион „Рио“ Дел Мар, се целосно измислени ликови.

Нивните фотографии изгледаат како "AI"-генерирани визуали, биографијата им е поетична, но не дава чувство на автентичност, а дигитална трага надвор од социјалните мрежи речиси и да не постои. Дури и описот на бендот на "Spotify" очигледно е напишан со "ChatGPT" (карактеристични знаци како продолжена црта и сл.).

Најслушана песна им е „Dust on the Wind“, која се приближува до 700.000 преслушувања. Албумите се достапни на сите главни стриминг платформи, вклучувајќи ги и "Apple Music" и "Deezer", каде што стои забелешка дека некои песни можеби се создадени со помош на вештачка интелигенција.

Како стигнаа до толкава бројка?

Слушателите коментираат дека до песните дошле преку „discovery“ препораките во рамки на алгоритамот на "Spotify".

"Spotify" службено не дозволува користење на ботови, но не бара задолжителна ознака за AI-музика. Појавата на бендови како овој отвора сè повеќе прашања околу транспарентноста, автентичноста и приходите на вистинските музичари, пишува "Headliner".

Како што се покажува, бендот ја користел генеративната "AI" платформа "Suno" за создавање на својата музика и самиот се смета за „уметничка измама“, потврди портпарол на бендот за "Rolling Stone". Иако на нивниот X профил повеќепати жестоко негираа каква било употреба на вештачка интелигенција, портпаролот кој се претставува како „помошен член“ под псевдонимот Ендрју Фрелон сега признава:

Дали е тоа погрешно?

„Тоа е маркетинг. Тоа е тролање. Луѓето претходно не се интересираа за она што го правевме, а сега одеднаш разговараме со "Rolling Stone", па се прашуваме: ’Дали е тоа погрешно?‘“

„Лично ме фасцинираат уметничките измами … Живееме во свет каде што лажните нешта понекогаш имаат дури и поголемо влијание од вистинските. Тоа е збунувачки, но тоа е реалноста со која се соочуваме. Па прашањето е: Дали треба да ја игнорираме таа реалност? Или да нурнеме во неа и да ѝ дозволиме да стане новиот мајчин јазик на интернетот?“

Во телефонски разговор во вторник наутро, Фрелон првично тврдел дека "AI" се користела само за „бреинсторминг“, потоа признал дека користеле" Suno", но „не во финалниот производ“, и на крај признал дека барем некои песни („Не сакам да кажам кои“) се целосно генерирани преку "Suno".

„Ова никому друг не сум го признал“, вели Фрелон за "Rolling Stone."

Тој исто така потврдил дека ја користел функцијата „Persona“ на "Suno" – истата што ја користи и Тимбаланд за својот контроверзен "AI" артист "TaTa" – со цел да одржи доследен вокал во песните, иако тврди дека тоа не важи за секоја нумера.