Археолозите објавија дека откриле древен град по име Пењико, стар околу 3.500 години, во северната перуанска провинција Баранка. Се верува дека овој град бил важно трговско средиште кое ги поврзувало раните заедници од пацифичкото крајбрежје со оние што живееле во Андите и Амазонија.
Локалитетот се наоѓа околу 200 километри северно од Лима и се смета дека бил основан меѓу 1.800 и 1.500 година пред нашата ера – во исто време кога цивилизациите процветувале на Блискиот Исток и во Азија. Истражувачите велат дека ова откритие фрла ново светло врз тоа што се случило со најстарата позната цивилизација на американскиот континент – цивилизацијата Карал.
Во текот на осумгодишните истражувања на локалитетот биле откриени 18 структури, вклучително храмови и станбени комплекси. Дронски снимки објавени од истражувачите прикажуваат кружна структура на падина од рид во центарот на градот, опкружена со остатоци од камени и глинени градби.
На локалитетот се пронајдени церемонијални предмети, глинени скулптури на луѓе и животни, како и ѓердани изработени од мониста и школки, пренесува „Федерална“.
Д-р Рут Шади, археолог и водител на најновите истражувања во Пењико, како и на ископувањата на Карал во 1990-тите, изјави дека ова откритие е клучно за разбирањето што се случило со каралската цивилизација по нејзиното уништување предизвикано од климатски промени.
Пењико, според неа, бил „стратешки сместен за трговија и размена со општества од крајбрежјето, висорамнините и џунглата“, изјави Шади за новинската агенција "Reuters".
Пењико се наоѓа во близина на местото каде што бил основан Карал – најстарата позната цивилизација на американскиот континент, пред околу 5.000 години, односно околу 3000 г. п.н.е. во долината Супе во Перу.
Карал се состои од 32 споменици, меѓу кои големи пирамидални структури, софистицирано земјоделие со системи за наводнување и урбани населби. Се смета дека се развила изолирано, без директни влијанија од истовремените рани цивилизации во Индија, Египет, Сумер и Кина.
Перу е дом на многу од најзначајните археолошки откритија во Америка, вклучувајќи го утврдениот град на Инките – Мачу Пикчу во Андите, како и мистериозните Наска линии врежани во пустинските простори долж централното крајбрежје.