Инвазивен вид алга се шири низ Јадранското Море, што би можело да доведе до колапс на подводниот биодиверзитет, предупреди Институтот за океанографија и рибарство во Сплит.
Екстремно инвазивната алга „Stypopodium schimperii“ се шири низ хрватското морско дно. Станува збор за кафеава алга која потекнува од Индискиот Океан и веројатно се населила во Медитеранот минувајќи низ Суецкиот канал.
Првпат била забележана во Израел околу 1973 година. Со понатамошно ширење, ги зафатила бреговите на источниот Медитеран, а била забележана и во Егејското и Јонското Море во Грција.
Ќе се прошири и на други хрватски острови
Институтот за океанографија и рибарство во Сплит пронајде неколку примероци во есента 2020 година кај островот Вис, во близина на Комижа. Две години подоцна, тие веќе беа загрижени, а денес, предупредуваат, ситуацијата е катастрофална.
„Каменото морско дно длабоко помеѓу три и 25 метри, околу Комижа, па дури и подалеку од Комишкиот залив е буквално монокултура на оваа алга. Алгите може да се најдат околу целиот остров Вис, но засега најмногу ги има околу Комижа. Ги најдовме и на Бишево и Брусник, каде што веќе значително го покриваат дното. За само три години, од неколку примероци, алгата изгради постојана населба. Во нејзините постојани населби, речиси и да нема автохтони видови алги и безрбетници“, предупреди Институтот, кој верува дека преку струите алгите ќе се прошират на подрачјето помеѓу Шолта и Корнати.
⚠️🌱Alga Stypopodium schimperii – kolaps biološke raznolikosti podmorja!
🚨O pojavi smeđe alge Stypopodium schimperii...
Posted by Institut za oceanografiju i ribarstvo on Saturday, July 5, 2025
Затоа, тие ги замолуваат граѓаните да ги известат доколку ја пронајдат алгата како и да ја фотографираат. Кафеавата алга е слична на автохтоната алга наречена „Padina pavonica“, но разликата е многу јасна: „Padina pavonica секогаш има бели делови, додека Stypopodium schimperii никогаш нема бели области на талусот, а понекогаш во сенка има синкава боја“, истакнаа научниците.
Исто така оваа алга е и многу поголема, а може да достигне димензии поголеми од 40 сантиметри, додека автохтоната ретко достигнува 20 сантиметри.