Маркоски: Не заслуживме ваков убедлив пораз, ама не се откажуваме

Дерби

11/07/2025

11:47

105

Големина на фонт

а а а

Работнички го забележа најлошиот резултат од сите македонски екипи кои оваа седмица настапија во Европа или поточно „романтичарите“ загубија од Торпедо Белаз со 3-0 во рамките на Конференциската лига на УЕФА.

Скопскиот тим прими еден гол во првиот и два во второто полувреме и ќе му треба „чудо“ на реваншот во Скопје да се пласира во наредната фаза на ова натпреварување.

Тренерот Бојан Маркоски смета дека негативата од три гола е нереална слика за случувањата на теренот.

- Беше тоа тежок натпревар и убедлив пораз за нас, а според мое мислење не заслуживме таков пораз од 3-0. Противникот беше поискусен тим, знаеше тоа да го искористи, го отвори резултатот од корнер, од воиграна акција која пред мечот им ја напоменавме на играчите. Првите 15 минути имаа контрола, потоа беа и многу подобар тим. Ние имавме една шанса пред крајот на првото полувреме која требаше да ја реализираме. Го започнавме вториот дел подобро, но имаше две ситуации во кои не реагиравме најдобро и тие постигнаа уште два гола. Еден шут заврши во мрежата, а во судиското продолжение беше неприфатливо да примиме уште еден гол. Но, има уште еден натпревар во кој ќе се обидеме да ја надоместиме негативата, не се откажуваме, ќе го дадеме максимумот, - порача Маркоски.

Реваншот е закажан за 17 јули од 18 часот.