Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се бори за својата 25-та грен-слем титула во кариерата.
Во походот кон Вимблдон, каде што има за цел да ја освои својата осма титула и рекордниот 25-ти грен-слем, Ѓоковиќ се соочува со Јаник Синер. Но, пред полуфиналниот меч, британските таблоиди објавија дека тој ангажирал контроверзна личност во својот тим.
Последниве денови, во друштво на тимот на Ѓоковиќ е забележан т.н. „здравствен гуру“ по име Гери Линехем, а според "Daily Mail", тој пристигнал од Калифорнија по покана на Ѓоковиќ, со цел да му помогне на патот до титулата на Вимблдон.
Линехем е поранешен професионален бодибилдер и коосновач на "Human Garage" — велнес бренд што стекна голема популарност на социјалните мрежи, со повеќе од 1,5 милиони следбеници само на Инстаграм.
Тој верува дека со одредени ротации и истегнувања може да се ослободат внатрешни трауми и тешки метали „заробени“ во телото. Врз основа на тоа развил програми фокусирани на самозакрепнување на човекот.
Поради ваквите здравствени тврдења, Линехем е честа мета на критики од медицинската фела, особено поради неговите изјави дека никотинот може да помогне во лекување на аутизам, како и дека кремите за сончање предизвикуваат рак.
Дополнително, во минатото бил осуден и за поврзаност со дистрибуција на енкриптирани уреди кои биле користени во криминални активности.