Џастин Бибер се врати со целосно нов албум „Swag“ којшто беше објавен вчера без претходни најави.
Како што пренесуваат странските медиуми, фановите биле подготвени на жанровска промена, а извори блиски до пејачот тврдат дека татковството и личните предизвици во голема мера го обликувале тонот и содржината на неговиот нов албум.
Семејството во фокус: Татко на десетмесечно бебе
Бибер и неговата сопруга, манекенката Хејли Бибер, пред десет месеци го добија синот Џек Блуз. Како што наведуваат извори, улогата на татко длабоко влијаела во неговото ново творештво.
„Албумот е потемен, поранлив и помалку „нашминкан“ од претходно. Не е депресивен, но е многу подлабок“, велат извори.
Новиот албум во сенка поради проблемите и гласините за развод
Објавата на албумот доаѓа по бурниот период во животот на Бибер – социјалните мрежи беа преплавени со шпекулации за развод, после што фановите забележаа загрижувачки објави кои ги споделува пејачот.
Во една искрена објава, Џастин напишал:
„Луѓето постојано ми говорат дека треба да се излекувам. Зарем не мислите дека тоа не би го направил доколку можам? Знам дека сум скршен. Знам дека имам проблеми со бесот. Цел живот се обидувам да бидам она што другите мислат дека треба да бидам. Но, колку повеќе се трудам да растам, сѐ повеќе сум уморен и бесен“.
Најава за албум – мистериозни билборди и листа на песни
Претходниве денови, фановите забележале билборд во Исланд со зборот „Swag“ и ликот на Бибер, што веднаш ги иницирало шпекулациите за можен албум.
Истиот билборд се појавил и во Лос Анџелес, додека пејачот на својот Инстаграм профил објавил фотографија и видео кои го покажале списокот на песни од новиот албум.
Да ве потсетиме, неговиот претходен албум „Justice“ од 2021 година содржеше многу хитови, како „Holy“, „Lonely“, „Аnyone“, „Hold On“…