Првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, на потегот од Врбјани до Ботун, денеска се пуштени во употреба. Овој момент, според Владата, претставува пресвртна точка и симбол на работата, посветеноста и разликата во пристапот кон големите проекти меѓу актуелната и претходната власт.
На свеченоста присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека не се работи само за пуштање на делница, туку за враќање на довербата на граѓаните.
„Само една година откако ја презедовме одговорноста за водење на државата, успеавме да го откочиме еден од најзаглавените инфраструктурни проекти. Овој автопат беше симбол на застој и срам, а денес е симбол на новото време. Секој метар е изграден со напор и волја да се стави крај на неуспесите од минатото“, изјави премиерот.
Тој најави дека веќе следната година автопатот Кичево – Охрид ќе биде целосно завршен и ставен во функција.
„Ова нема да биде случајна победа, туку планиран успех и резултат на секојдневна одговорна работа“, додаде Мицкоски.
Оптимизам за иднината изрази и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, кој оцени дека со оваа делница се отвораат нови можности за граѓаните и туризмот во регионот.
„Ова е автопат кој ги поврзува Кичево, Охрид и Струга со Скопје, Тетово и Гостивар, но и со Албанија. Веќе денес, овие први 20 километри се реалност и корист од нив ќе имаат сите“, нагласи Николоски.
Тој потсети дека проектот бил оставен во заборав и запустен од претходната Влада.
„Ова беше симбол на неспособноста на СДСМ и ДУИ. Немаше ниту работници, ниту инженери, ниту механизација. А денес е доказ за нашата посветеност и тоа е клучната разлика“, рече Николоски, додавајќи дека е симболично што првиот дел се отвора токму во славна Дебарца.
Изградбата на целокупниот автопат, кој е со вкупна должина од 57 километри, треба да биде завршена до крајот на 2026 година.