Летната сезона 2025 носи значајни промени за туристите во некои од најпопуларните европски дестинации.
Локалните власти во Италија и Португалија одлучија да воведат нови правила за однесување со цел да го зачуваат редот, мирот и имиџот на градовите кои во лето бележат огромен наплив на посетители.
Портофино и Албуфеира се на чело на оваа иницијатива, со казни кои се движат од неколку десетици до неколку стотици евра за непочитување на прописите.
Портофино забранува капење на плоштадите и алкохол на улица
Во Портофино, луксузното гратче на италијанската ривиера, сега важат строги правила: шетање без обувки, престој на јавни места во костим за капење или без маица, како и консумирање алкохол надвор од угостителските објекти – се строго забранети. Општинските власти истакнуваат дека новите мерки се воведени за да се зачува „мирот и тишината“ на ова ексклузивно место, кое во текот на летото прима до 100.000 туристи, иако има само 400 постојани жители.
Забрането е и седење или легнување на тротоари, ѕидови и паркови, како и организирање пикник на јавни површини. Наредбата потпишана од градоначалникот Матео Виакава важи до 30 септември, а казните за прекршителите се движат од 26 до 510 евра.
Да потсетиме, минатата година Портофино веќе воведе забрана за задржување на популарните видиковци за да се избегнат метежи и несоодветно однесување на туристите.
Албуфеира воведува кодекс на однесување: Голотија, бучава и мокрење – строго забранети
На југот на Португалија, во популарното летувалиште Албуфеира, градскиот совет усвои строг кодекс на однесување кој ги регулира постапките на туристите на улиците. Новите правила забрануваат јавна голотија, сексуални односи на отворено, консумација на алкохол надвор од баровите, прекумерна бучава и мокрење на јавни места.
За потешки прекршоци – како целосно соблекување или сексуален чин на јавно место – казните може да достигнат до 1.770 евра. Делумна голотија, оставање на колички за пазарење на несоодветни места или мокрење на улица може да ве чинат од 300 до 1.500 евра.
Повод за овие мерки беше серија инциденти, вклучително и вирална снимка од група британски туристи кои целосно голи играа во бар сред бел ден. Градоначалникот Хозе Карлос Роло изјави дека новите правила имаат за цел воспоставување подобар баланс помеѓу туристите и локалното население, како и подобрување на имиџот на Албуфеира во очите на јавноста.
Трендот на строги правила се шири низ Европа
Портофино и Албуфеира не се изолирани примери. Рим веќе забрани капење во фонтаните, Венеција воведе забрана за пикник на мостовите и кај спомениците, а на островот Капри „гласни“ сандали веќе не се посакувани.
Како што бројот на туристи од година во година расте, европските дестинации сè почесто прибегнуваат кон вакви мерки не само за зачувување на редот и мирот, туку и за заштита на културното наследство и секојдневниот живот на локалното население.