Извршниот директор на компанијата „Astronomer“ Енди Бајрон и директорката за човечки ресурси Кристин Кабот предизвикаа вистинска бура на социјалните мрежи откако беа „фатени“ на сегментот „kiss cam“ (кога камерата зумира парови и им сугерира да се бакнат) за време на концертот на бендот „Coldplay“ во Бостон.
Снимката на која се гледа како парот се гушка додека се прикажани на големиот екран стана вирална и предизвика бран шпекулации за наводна афера помеѓу двајцата раководители – кои инаку се и двајцата во брак.
На концертот на „Coldplay“ на 16 јули на стадионот „Gillette“, Бајрон и Кабот се најдоа во кадарот на стадионската „kiss cam“. Додека се насмевнуваа, Бајрон ја гушкаше Кабот одзади, а непријатноста дополнително ја разгоре коментарот на пејачот Крис Мартин: „Или имаат афера или се многу срамежливи.“ Таа една реченица го претвори незгодниот момент во полнокрвен интернет скандал.
Extra-Marital affair Got Caught during Coldplay Concert (Coldplay accidentally exposed an alleged affair between Astronomer CEO Andy Byron and his colleague Kristin Cabot at one of their recent concerts.)
— Ghar Ke Kalesh (@gharkekalesh) July 17, 2025
pic.twitter.com/IbvnXGSf9h
Кратката снимка брзо собра повеќе од 34 милиони прегледи на „TikTok“, „Twitter“ и „Reddit“. Наречено „ColdplayGate“, видеото предизвика бројни негативни реакции, а корисниците на интернетот ги осудија двајцата раководители поради, како што сметаат, несоодветно однесување. Интернетот го преплавија мимови и духовити досетки со стихови од песните на „Coldplay“, особено на „LinkedIn“, каде што Бајрон стана предмет на потсмев.
Инцидентот повторно ги отвори прашањата за „токсичното“ работно опкружување во „Astronomer“.
Гледачите на снимката ја препознале и третата вработена – Алиса Стодард – која се смеела во моментот кога камерата го забележала неславниот момент. Таа неодамна беше унапредена од страна на Кабот, што предизвика дополнителни сомнежи за фаворизирање и заматени граници во рамките на раководството на компанијата, бидејќи во фирмата се приклучила во јануари 2025 година. Наводно, таа присуствувала на концертот како „параван“, за некој да не се посомнева во односот меѓу Енди и Кристин, но сè пропаднало.
Во центарот на вниманието наскоро се најде и сопругата на Бајрон – Меган Кериган Бајрон. Нејзиниот профил на Фејсбук беше преплавен со коментари, по што најпрво го отстрани презимето „Бајрон“ од профилот, а потоа и целосно го деактивираше налогот. Многумина изразија сочувство, нарекувајќи ја „вистинската жртва“ на овој инцидент. Таа досега не се има јавно огласено.