Авантутристот и екстремен спортист Феликс Баумгартнер (56) загина на 17 јули во несреќа кога неговиот моторен параглајдер падна на брегот на Јадранското Море во Италија.
Феликс Баумгартнер остана запаметен како првиот и досега единствен човек кој скокнал од вселената и го соборил рекордот за скок со слободен пад, но, за жал, неговиот авантуристички дух на крајот го чинеше живот.
Новинарите на „Bild“ сега се во Фермо, каде што се води истрага за смртта на Феликс Баумгартнер, чие тело сè уште е на обдукција.
И покрај брзата интервенција на медицинските екипи, вклучително и ангажирањето на хеликоптер, Феликс Баумгартнер беше прогласен за мртов.
Главниот обвинител Рафаеле Јанело, кој ја води истрагата за смртта на Баумгартнер, даде изјава за несреќата и откри дека на Австриецот му бил скршен ’рбетот во долниот дел на грбот и дека му била оштетена коскената срж.
„Обдукцијата ќе биде завршена утре наутро. Телото моментално се наоѓа во одделот за форензика во болницата во Фермо. Она што досега со сигурност го знаеме е дека Баумгартнер починал на местото на несреќата, дека му бил скршен ’рбетот во долниот дел на грбот и дека му била оштетена коскената срж“, изјави тој за „Bild“.
Анализата на снимката од камерата на Баумгартнер, која ја носел на телото, треба да разјасни како воопшто дошло до падот. Главното прашање е дали Баумгартнер доживеал срцев удар во воздух и поради тоа ја изгубил контролата над леталото.
Обвинителството во вторник ќе започне со испитување на параглајдерот за да се исклучи можноста за технички дефект. Според обвинителството, истрагата за смртта на Баумгартнер може да трае од 40 до 50 дена.