Според Светската здравствена организација, болестите на срцето веќе долго време се водечка причина за смрт во светот.
Иако на сите ризик фактори не можеме да влијаеме, кардиолозите истакнуваат колку е важно да се преземе контрола над она што можеме, особено кога станува збор за исхраната.
„И најмалото приспособување на исхраната може да има големо клиничко влијание доколку се задржи во подолг временски период“, вели кардиологот д-р Патрик Ки за „Парада“.
Една навика на која особено предупредуваат експертите кај лицата со зголемен холестерол е прекумерниот внес на заситени масти.
„Гледаме значително зголемен ризик од болести на срцето кај високиот внес на заситени масти“, предупредува кардиологот д-р Бредли Сервер.
Заситените масти кои главно се наоѓаат во црвеното месо и полномасните млечни производи, го поттикнуваат црниот дроб да произведува поголемо ниво на лош холестерол, што го зголемува ризикот од затнување на артерии, срцев и мозочен удар.
Намалување на внесот на заситени масти не е невозможно
Проблемот е што заситените масти ги има насекаде: во брзата храна, сладоледите, пекарските производи, а етикетите знаат да залажат.
„Производите кои се рекламираат како немасни или со намален удел на маснотии често содржат големи количини заситени масти или пак повеќе шеќер и сол, што дополнително ги збунува потрошувачите“, објаснува д-р Ки.
Тој додава дека опсесијата со протеините често ги води луѓето кон црвеното месо кое е извор и на протеини и на заситени масти.
Сепак, намалениот внес на заситени масти не е невозможен со неколку едноставни навики. Експертите советуваат во исхраната да вклучите повеќе зеленчук или цели житарки, путерот да го замените со маслиново масло или масло од авокадо, да бирате немасни или растителни извори на протеини како риба и леќа и внимателно да ги читате декларациите.
„Најдобриот начин да го намалите внесот на заситени масти е да знаете што јадете. Затоа обидете се да избегнувате ресторани во кои не знаете што точно содржат јадењата“, заклучува д-р Сервер.