Аморим: Нема да има распродажба во Манчестер јунајтед

Макфакс

26/07/2025

13:01

478

Големина на фонт

а а а

Тренерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, изјави дека заинтересираните клубови нема да можат да добијат играчите, на кои клубот повеќе не смета, по „дисконтни“ цени објави денес Би-Би-Си.

Откако Маркус Рашфорд се пресели на позајмица во Барселона, Ентони, Џејдон Санчо, Алехандро Гарначо и Тирел Маласија беа изоставени од турнејата на Јунајтед во САД и се вратија на индивидуални тренинзи во тренинг центарот во Карингтон.

Бетис сака да го врати Ентони, каде што играше на позајмица минатата сезона, додека Јувентус е заинтересиран за Санчо, но тој прво мора да ослободи место во тимот. Гарначо се поврзува со неколку европски клубови.

Сепак, засега нема конкретни понуди, а се шпекулира дека клубовите ќе чекаат до последните денови од преодниот рок, надевајќи се дека Јунајтед ќе мора да ги намали цените.

„Техничкиот директор Џејсон Вилкокс, извршниот директор Омар Берада и целиот клуб јасно поставија цени за тие играчи. Доколку другите клубови не ги достигнат, тие остануваат играчи на Манчестер јунајтед, нема сомнение“, рече Аморим.

Аморим додаде дека некои играчи сакаат нов предизвик и дека клубот им дава време да размислат, но исто така рече дека потенцијалните купувачи не треба да се надеваат дека ќе може да ги добие овие играчи речиси за џабе.

Јунајтед веќе ги донесе новите засилувања Брајан Мбеумо, Матеуш Куња и Диего Леон ова лето, но сè уште бараат напаѓач и централен играч од средниот ред за да ги пополнат празнините во составот.

Аморим истакна дека е задоволен од сегашниот состав и дека е подготвен да ја започне сезоната со него. Манчестер јунајтед новата сезона ќе ја отвори со дербито против Арсенал.