Штрајкот на вработените во пералната на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е аларм за целосен распад на јавното здравство, предупредуваат од партијата Левица. Според нив, болниците се во хаос, операциите доцнат, недостасува чиста облека, а пациентите се изложени на ризик од зарази, додека министерот за здравство Азир Алиу останува пасивен и без конкретни одговори.
„Клучното прашање е кој управува со пералната – приватната фирма ‘Скопстер’, позната по енормно високите цени и протуркана од поранешниот министер Арбен Таравари, или пак Службата за општи и заеднички работи? Додека институциите си ја префрлаат одговорноста, вработените остануваат без плати, без здравствено осигурување и со неизвесна иднина,“ велат од Левица.
Тие додаваат дека постои сомнеж за финансиско „перење раце“ меѓу институциите, кои си фактурираат високи суми за услуги, додека интересите на пациентите и вработените се оставаат на страна.
Од Левица потсетуваат и дека, во исто време кога здравството е во хаос, Владата предводена од Христијан Мицкоски најавува ново задолжување од една милијарда евра. „Резултатите во здравството се поразителни – нема нови инвестиции, нема капитални проекти и нема реформи,“ посочуваат од партијата.
Како решение, тие предлагаат инвестирање во современа перална и стерилизација по примерот на Клиниката за гинекологија и акушерство, што, според нив, би значело намалување на трошоците, помалку инфекции и побрз третман на пациентите.
„Очигледно е дека партиите на олигархијата свесно го рушат јавното здравство за да создадат простор за профит во приватниот сектор, каде цените се енормни. На крајот, најголемата штета ја плаќаат граѓаните, кои цел живот издвојувале средства за здравствениот фонд, а сега се приморани да плаќаат скапи услуги во приватни болници,“ велат од Левица.