Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска обвини дека тендерот за организирање возачки испити во МВР е тежок скандал и „смрди на корупција“.
Според Кузеска, новооснована фирма зад која стои советник на ВМРО-ДПМНЕ добила милионски договор и петгодишен монопол за полагање возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен, иако, како што рече, не ги исполнувала основните услови за работа. Таа потсети дека МВР прво ја лиценцирало фирмата, а сега истиот тој испитен центар бил затворен бидејќи немал документација, стручен кадар и возила.
„Дали милионскиот тендер бил доделен само затоа што зад фирмата стои советник на ВМРО-ДПМНЕ? Ова се јасни индиции за однапред наместен тендер и корупција кои мора да се истражат“, изјави портпаролката на СДСМ.
Партијата побара Државната комисија за спречување корупција да отвори предмет, а Обвинителството да покрене истрага за да се утврди одговорност.