Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, изјави дека европските земји ќе мора да го понесат лавовскиот дел од товарот кога станува збор за украинските безбедносни гаранции.
„Не мислам дека ние треба да го носиме тој товар. Мислам дека треба да бидеме од помош во запирањето на војната и убиствата. Но, треба да очекуваме, а претседателот сигурно очекува, дека Европа ќе игра водечка улога“, рече Венс во емисијата „The Ingraham Angle“ на Фокс њуз.
„Без оглед на тоа каква форма ќе има, Европејците ќе мора да го понесат лавовскиот дел од товарот“, додаде потпретседателот на САД.
„Воените претставници на НАТО имаа одлична, отворена дискусија на видеоконференција за резултатите од неодамнешните состаноци за војната во Украина“, изјави претходно вчера висок функционер на НАТО, а западни извори објавија дека помала група во Вашингтон продолжува со дискусиите за безбедносните гаранции за Украина.
„Во врска со Украина, ја потврдивме нашата поддршка. Приоритет останува праведен, одржлив и траен мир“, напиша адмиралот Џузепе Каво Драгоне, шеф на воениот комитет на НАТО, на X.
По завршувањето на поширокиот состанок, помала група воени команданти продолжува со дискусиите во Вашингтон за безбедносните гаранции за Украина, соопшти западниот извор.
Тој додаде дека генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на американските вооружени сили, ги води разговорите, во кои учествуваат воени лидери од шест членки на НАТО.
Изворот рече дека сè уште нема резултати бидејќи безбедносните гаранции не биле детално дискутирани на претходната видеоконференција.
Изворот вели дека ќе има повеќе состаноци со поширок состав, откако помалата група ќе ги разработи опциите. Нема рок за завршување на разговорите и конечната одлука ќе ја донесат политичките лидери, рече изворот.