Непослушните државни институции, кои до 18 август не ги пријавија службените возила, денес од Владата добија уште еден апел да го сторат тоа. Државната комисија за спречување корупција се пожали дека иако институциите располагаат со 6.500 возила, во дадениот рок се пријавени помалку од една третина од возилата, односно само 1.916 службени возила со кои располагаат.
„Јас ја видов оваа вест од Државната комисија за спречување корупција и еве како портпарол на Владата апелирам до сите институции да го поднесат бројот на службените возила. Веќе е донесена и одлука на седница на Владата дека рокот за поставување на регистарските таблички во боја е до 15 септември. И тоа ќе го завршиме сè во насока на тоа да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели што се надвор од службените“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева.
Сите институции што користат државни службени возила имаа рок до 18 август да со пријават колку возила располагаат, од која марка, која година на производство се и да го пријават регистарскиот број на секое возило.
Државната комисија за спречување корупција во рок од 15 дена по истекот на рокот за пријавување на службените возила може да поднесе прекршочна пријават против непослушните институции.
Од институциите беше побарано да ги пријават служените возила за да се спречат злоупотреби во пресрет на локалните избори откога вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи беа фотографирани како околу полноќ ги паркираат службените возила пред деловно-трговскиот центар „Мавровка“. Тие јавно не дадоа објаснување на каков состанок биле иако и премиерот Христијан Мицкоски рече дека лично ќе ги праша дали користеле службени возила за приватни или за партиски цели. Возилата на вицепремиерите беа паркирани во близина на партиски штаб на „Вреди“ од кај што доаѓаат и двајцата.
За полесно да може граѓаните да пријават злоупотреби, до 15 септември сите службени возила треба да добијат таблички во боја.