Боливија секогаш е незгоден домаќин како селекција која своите натпревари ги игра на надморска височина од над 4000 метри, а сега оваа репрезентација е на чекор од историски успех каков што не се памети повеќе од 30 години.
Боливијците го победија големиот Бразил во Ел Алто со резултат 1:0 и профитираа од поразот кој го претрпе Венецуела на домашен терен од Колумбија со 3:6, па сега тие се оние кои обезбедија бараж место за Светското првенство како седмопласирани на табелата во јужноамериканските квалификации.
Натпреварот кој имаше големо значење за Боливијците мина во знакот на домашниот тим и клучна разлика направи реализираниот пенал на Мигуелито пред крајот на првиот дел, па тоа се покажа како доволно за победа и место во баражот за мундијалот.
Боливија последен пат играше на еден мундијал во 1994-та година, па сосема очекувано, славјето беше огромно во Ел Алто по последниот судиски свиреж.
Ова беше прв пораз за Бразил под водство за Карло Анчелоти, но рано утрово, пораз претрпе и Аргентина без својот капитен, Лионел Меси.
Еквадор славеше со 1:0 благодарение на голот на Енер Валенсија од пенал, а натпреварот поради црвени картони не го завршија Отаменди од Аргентина, односно Каиседо од Еквадор.