Пандев испрати моќна порака: Моја најголема гордост не се титулите и головите, туку остварениот сон на Македонија

Дерби

10/09/2025

14:34

256

Големина на фонт

а а а

Горан Пандев како легендарен капитен на македонската фудбалска репрезентација ја имаше честа да го отвори Спортскиот самит кој денеска се одржува во Скопје, а пораката која ја испрати популарниот Гоче од „Doubletree By Hilton“ хотелот беше навистина моќна.

Пандев во своето излагање накратко ја опиша цела фудбалска кариера која беше пропратена со големи успеси, но побара од македонските институции и фудбалски вљубеници да продолжат со инвестирање во спортот, бидејќи само така ќе се добијат нови шампиони и нови спортисти на кои ќе останеме горди.

– За мене голема е честа да го отворам овој самиот. Секогаш се враќам на моите почетоци во вакви моменти, во мојата родна Струмица, на топката и на соништата кои ги имав како мало дете. Сонував да станам фудбалер, но сонував и да докажам дека дете од еден мал град може да стигне до најголемата сцена.

– Патот не е лесен, но со напорна работа, посветеност и љубов можеш да стигнеш до врвот. Благодарение на семејството, тренерите и соиграчите, имав привилегија да настапувам во најголемите европски клубови, да ја освојам титулата во Лига на шампиони со Интер и да ја носам капитенската лента на македонската фудбалска репрезентација.

– Моја најголема гордост не се титулите или головите, најголема гордост е кога го израдувавме цел народ и цела Македонија со пласман на Европско првенство. Тоа беше остварување на сонот на цела генерација. Спортот зближува и е повеќе од пример, денеска кога гледам толку млади како тренираат, знам дека следат добри нешта. Наше е да им овозможиме услови за работа и да ги поддржиме. Затоа од ова место сакам да испратам порака до младите деца: Верувајте во себе, соништата се остваруваат!

– Спортот ни треба повеќе од било кога, потребни се инвестиции и само така ќе можеме да создадеме нови шампиони, нови приказни и нови радости. Овој самит нека биде место каде ќе размениме идеи, каде ќе согледаме визии и место каде ќе најдеме начин како спортот да продолжи да инспирира, воспитува и обединува, – порача Пандев.

Спортски самит од ваков тип прват се организира во регионот, а главен медиумски партнер на настанот е Спортско радио 90,3 фм.