Умтити се одјави на 31 година: Во Барселона ја открив страната на фудбалот која никој не сака да ја види

Дерби

16/09/2025

11:40

180

Големина на фонт

а а а

Самуел Умтити забележа драстичен пад на кариерата поради тешката повреда која ја имаше на коленото, а бидејќи истата беше проследна со уште низа физички проблеми, Французинот на крајот беше принуден да стави крај на фудбалското патување многу порано од предвиденото.

Поранешниот стопер на Барселона најдобрите фудбалски моменти ги доживеа пред седум или осум години кога беше стандарден член од првиот тим на каталонскиот гигант, но дефинитивно, хајлајт на кариерата му беше освоената светска титула со Франција на мундијалот во Русија.

Умтити одигра круцијална улога на патот до финалето и беше стартер на завршниот меч, па иако премногу рано оди во пензија, неговото име вечно ќе биде запишано во историјата на францускиот фудбал.

Во своето емотивно обраќање кое го имаше на социјалните мрежи, Умтити не заборави ниту еден од четирите клуба за кои настапуваше на професионално ниво, а за фановите на Барса посебен интересен беше делот во кој проговори за своето искуство на „Камп Ноу“.

– Го остварив својот сон да потпишам за Барселона, клуб во кој играв со најдобрите. Во Каталонија и Барселона научив многу, но исто така ја открив страната на фудбалот која никој не сака да ја види, – порача Умтити, јасно алудирајќи на физичките проблеми кои стартуваа во Барса.

– Дадов сè од себе, почитувајќи ги своите вредности и се надевам дека луѓето ќе ме паметат по тоа. Благодарен сум на сите кои се најдоа на мојот пат, на навивачите, играчите, тренерите……. Мојата страст за фудбалот останува недопрена и сега ќе ја изразувам истата надвор од фудбалскиот терен, – порача Умтити.