Милан направи големи промени во играчкиот кадар во летниот преоден рок, доста играчи си заминаа, доста беа доведени, а клубот доби и нов тренер во искусниот Масимилијано Алегри.
Алегри е „доктор“ за италијанскиот фудбал, одлично си ја знае работата, знае како се прават резултати, се освојуваат титули, но овојпат има задача да го врати Милан на победнички патеки.
Целта е една и Макс ќе даде се од себе истата да биде остварена, да се дојде до топ 4 пласман и Лигата на шамионите во натпреварувачката 2026/2027.
- Сакаме да стигнеме до Лигата на шампионите по секоја цена, но знаеме дека воопшто нема да биде лесно. Морам да признаам дека навистина ми се допаѓа аспектот на жртвување во тимот. Групата работи со голем интензитет, а духот на саможртва што го гледам на теренот е клучен за надминување на тешкотиите. Секој натпревар, секој тренинг е можност да покажеме колку ни е важен овој дрес и оваа цел, - истакна Алегри кој кратко проговори и за Лука Модриќ кој донесе победа во пресметката со Болоња.
- Лука е апсолутен шампион, неговото искуство е клучно за нас. Тој никогаш не се воздржува и им дава пример на своите соиграчи, не само со класата, туку и со својата подготвеност да се жртвува за тимот. Неговата цел е соодветна награда за целиот труд што го вложува, - порача Макс.