Фасцинантната способност на 17-годишна девојка ги воодушеви научниците: Вакви луѓе има само стотина во светот

Точка

17/09/2025

11:34

1.068

Големина на фонт

а а а

Се сеќавате ли што правевте минатата недела или минатата година? Повеќето луѓе ќе размислат малку и ќе се сетат на најважните настани. Но, ретки се оние кои можат да се сетат на сè до најситен детаљ и повторно да го „проживеат“ тоа во својот ум.

Токму тоа е особина на луѓето со извонредна меморија за сопствениот живот, позната како автобиографска хипермнезија или хипертимезија. Таа способност е толку ретка што научниците знаат за само околу стотина случаи во целиот свет.

Затоа случајот на една 17-годишна девојка, во чиј ум „ѕирнаа“ научниците од Парискиот институт за мозок и Лабораторијата за помнење, мозок и когниција, е уште пофасцинантен.

Т.Л., како што е позната во јавноста за да ѝ се заштити идентитетот, навистина е посебна. Таа станала свесна дека нејзиниот ум функционира на нетипичен начин, па од страв да не биде сметана за „чудна“, му се доверила само на семејството – и тоа дури на 16 години. Не само што се сеќава на сите настани од својот живот, туку може повторно да ги проживее, потсетувајќи се на точни датуми, факти, но и на емоциите кои ги чувствувала во тие моменти. Додека за неа секое сеќавање е „свежо“ како да се случило вчера, кај повеќето луѓе тие спомени со текот на времето избледуваат.


Ваквите личности, како Т.Л., можат да „патуваат низ времето“ во своите мисли со неверојатна леснотија и интензитет.

„Проучувањето на ова нетипично когнитивно функционирање може да нѝ помогне подобро да разбереме како функционира автобиографската меморија, како и невролошките нарушувања што влијаат врз неа“, вели Лорен Коен, невролог и ко-раководител на лабораторијата при Парискиот институт за мозок.

Во научната литература, хипертимезијата често се опишува како вознемирувачка способност, поради која болните и трауматични сеќавања се акумулираат без контрола. Некои луѓе со хипертимезија дури се чувствуваат „преплавени“ од непотребни информации.

Посебен начин на организација

Но, 17-годишната Т.Л. изгледа има прилично голема контрола врз своите спомени и начинот на кој им пристапува, што особено го привлекло вниманието на научниците.

Како што е опишано во труд објавен во списанието „Neurocase“, таа разликува два типа сеќавања:

„Црно сеќавање“ – нема емоционално значење и се однесува на фактички информации и енциклопедиско знаење (главно стекнато на училиште),

Сеќавања поврзани со личниот живот – тие се целосно поинаку организирани, сместени во замислена „палата на сеќавања“, и може да ги визуализира по потреба.

Овие спомени се организирани по теми и по хронолошки ред, во простор што таа го нарекува „бела соба“. Во неа Т.Л. ги „прелистува“ моментите од семејниот живот, пријателите или предмети од детството. Како што им опишала на научниците, некои спомени се складирани дури и во форма на текстуални пораки или фотографии.


Сеќавањата поврзани со негативни емоции се изолирани во кутии во рамките на „белата соба“. Во „собата со мраз“ ја смирува својата лутина, додека во „собата со проблеми“ размислува за потешкотиите со кои се соочува.

За да ја проверат точноста на сеќавањата на 17-годишната девојка, научниците Валентина Ла Корте и Лорен Коен користеле специјализирани тестови. Откриле дека таа ги проживува моментите од својот живот со исклучителен интензитет и живописност, и дека може да ги преиспита деталите од различни перспективи. Дури може да си замисли и идни настани со многу повеќе детали отколку што тоа го може една просечна личност.

Се чини дека автобиографската хипермнезија е тесно поврзана со синестезијата, невролошка состојба при која обработката на еден сензорен модалитет активира најмалку две сетила (на пример, синестетите можат да „слушаат“ бои, да „гледаат“ звуци или да „вкусуваат“ музика). Иако Т.Л. не е синестетичарка, неколку членови од нејзиното семејство се.

„Би било интересно да се истражи таа поврзаност“, истакнува Коен и додава дека пред нив е возбудлив пат на истражување.