Дали сте слушнале за A24? Го освојува светот и профилите на апликациите за запознавање: Жените го обожуваат, а мажите масовно го пишуваат во своите биографии

Точка

17/09/2025

15:37

748

Големина на фонт

а а а

Филмското студио „А24“ станува сè попопуларно и ја презема водечката позиција во индустријата. По нивниот најнов филм, „Материјалисти“ (The Materialists), брендот толку многу се засили, што според извештајот на апликацијата за запознавање, Филд, спомнувањето на „А24“ во корисничките профили се зголемило за 65 проценти во изминатите 12 месеци, пишува „Гардијан“.

Филд е апликација наменета за оние што бараат алтернативни врски и е попопуларна меѓу жените и небинарните лица, бисексуалците и пансексуалците. Сепак, повеќето од корисниците чии профили го спомнуваат „А24“ се цисродни мажи и хетеросексуални мажи на возраст од 26 до 30 години.


Основано во 2012 година, филмското студио „А24“ сега има светско присуство и извонредна лојалност на брендот, поради тоа што публиката го смета за внимателно одбрано портфолио на проекти. Ова сè попопуларно филмско студио вработува повеќе од 200 луѓе во канцелариите ширум светот, а компанијата е сè уште во сопственост на нејзините оригинални основачи и инвеститори – Даниел Кац, Дејвид Фенкел и Џон Хоџес, со ограничен број на акционери кои се приклучија од 2012 година.

Некои од најголемите хитови на „А24“ се „Наследено зло“ (Hereditary), „Месечина“ (Moonlight), „Бубамара“ (Lady Bird), „Пролетен распуст“ (Spring Breakers) и „Еуфорија“ (Euphoria). Последниот проект на ова филмско студио можеше да се погледне и во кината, а се пишуваше и за хемијата помеѓу Дакота Џонсон, Педро Паскал и Крис Еванс во филмот „Материјалисти“.

Филмот „Материјалисти“

Филмот „Материјалисти“, кој заработи повеќе од 100 милиони долари на кино-благајните, зборува за проблемите на запознавање на професионална посредничка за спојување парови од Њујорк, која е растргната помеѓу финансиски успешен бизнисмен и непаричен актер. Филмот доби пофалби за својот скептицизам кон модерното додворување.

За да го промовира филмот оваа пролет, „А24“ лансираше веб-страница, menofny.com, која ги покануваше жителите на Менхетен да ги внесат своите основни податоци, вклучувајќи ја и платата, и да гледаат како се рангирани според нивните клучни атрибути. Овие податоци беа прикажани на екрани и билборди низ градот.

Компанијата примени уште еден успешен вирусен маркетинг во 2015 година за лансирањето на „Екс машина“ (Ex Machina) на фестивалот „Саут бај саутвест“. Тогаш беше креиран профил на Тиндер за Ава, роботот со вештачка интелигенција што го игра Алиша Викандер во тој филм, и на корисниците кои се совпаднаа со неа, им беа поставени разни прашања како: „Дали некогаш си бил сакан?“ и „Што те прави човек?“. Потоа, тие беа насочени кон инстаграм-профил кој откриваше за што се работи.

Претставниците на „Филд“ изјавија дека го следеле спомнувањето на филмското студио „А24“ во профилите ширум светот, што сугерира дека влијанието на студиото како ознака за „остра, но сепак популистичка забава“ сега е глобално.

Социјален ангажман и препознатливост

Според соодносот на допаѓања на Инстаграм наспроти бројот на следбеници, „А24“ бележи осум пати поголем социјален ангажман од ветераните како „Ејч-би-о“, „Дизни3 и „Марвел“. „Блумберг“ неодамна извести за особено силна идентификација на брендот меѓу американската публика, цитирајќи член на одборот на директори на „А24“, кој рече дека повеќе од 60 отсто од луѓето што одат да гледаат филм на „А24“ во кината се мотивирани токму поради тоа што филмот е од тоа студио.

Иако студиото претвори 76 номинации за Оскар во 21 победа, неговиот спектакл минатата година беше украден од ривалот „Неон“ (Neon), кој првенствено купува и дистрибуира филмови, кога „Анора“ (Anora) го победи „Бруталистот“ (The Brutalist).

Оваа година, „А24“ има серија на кандидати за Оскар, како што се „Машина за тепање“ (The Smashing Machine), „Супериорниот Марти“ (Marty Supreme), „Богородица“ (Mother Mary) и „Да имав нозе, ќе те шутнев“ (If I Had Legs I’d Kick You).

Брендот исто така се прошири во физички простори, како што се театарот „Чери лејн“ во Њујорк, како и козметичката линија наречена „Халф меџик“. Онлајн продавницата на „А24“ нуди маици, постери, привезоци и други креативни производи.