Членките на Европската Унија имаат пет години да се подготват за војна, според воениот план што Европската комисија го претстави денес.
„До 2030 година, Европа мора да развие доволно силна одбранбена позиција за веродостојно да ги одврати своите противници и да биде подготвена да одговори на каква било агресија“, се вели во нацрт-планот, кој министрите за одбрана ќе го дискутираат пред комисијата да го презентира.
Планот, во кој имал увид Политико, потоа ќе биде испратен до европските лидери на разгледување следната недела.
„Патоказ за одбранбена подготвеност 2030“
„Документот, наречен „Defence Readiness Roadmap 2030“ (Патоказ за одбранбена подготвеност 2030), е знак за растечката улога на ЕУ во одбраната, како одговор на војната на рускиот претседател Владимир Путин во Украина и нејасниот став на американски претседател Доналд Трамп за европската безбедност.
„Милитаризирана Русија претставува постојана закана за европската безбедност во догледна иднина“, се вели во документот, првпат објавен од Блумберг.
Иако земјите-членки брзо ги зголемуваат своите буџети за одбрана, голем дел од овие трошоци остануваат во голема мера национални, што доведува до фрагментација, зголемување на трошоците и недостаток на интероперабилност, се вели во документот од 16 страници.
Европската комисија ги охрабрува главните градови на земјите-членки заеднички да набавуваат оружје и сака најмалку 40 проценти од набавките за одбрана да бидат составени од заеднички договори до крајот на 2027 година – во споредба со помалку од една петтина денес. Планот, исто така, предвидува најмалку 55 проценти од купувањата на оружје да доаѓаат од европски и украински компании до 2028 година, а најмалку 60 проценти до 2030 година.
Клучни приоритети
Документот детално наведува голем број приоритетни области. Една од главните цели е комплетирање на одбранбените капацитети на ЕУ во девет области – воздушна и ракетна одбрана, воена мобилност, артилериски системи, вештачка интелигенција и сајбер безбедност, ракети и муниција, беспилотни летала и системи против беспилотни летала, копнена борба, поморска одбрана и таканаречена „поддршка на борбените способности“.
Планот, исто така, ја споменува важноста на одбранбената подготвеност и улогата на Украина, која треба да биде тешко вооружена и трансформирана во еден вид „челичен еж“ способен да ја одврати руската агресија.
Рокови за три клучни проекти
„Eastern Flank Watch“ (Источна крилна стража) – интегрирање на копнени, воздушни системи и системи против беспилотни летала за заштита на источниот дел на Европа, вклучувајќи го и „Европскиот ѕид против беспилотни летала“ неодамна предложен од Комисијата;
„European Air Shield“ (Европски воздушен штит)-создавање повеќеслоен систем за воздушна одбрана;
„Defence Space Shield“ (Одбранбен вселенски штит) – заштита на вселенските ресурси на Европа.
Комисијата се надева дека лидерите на ЕУ ќе ги одобрат трите проекти до крајот на годината.
Според нацртот, сите приоритетни проекти треба да бидат започнати во првата половина од 2026 година, додека договорите треба да бидат финализирани и да се обезбедат средства за решавање на најитните празнини до крајот на 2028 година.
Комисијата, исто така, сака да го процени индустрискиот капацитет потребен за пополнување на празнините и идентификување на ризиците и тесните грла во синџирите на снабдување со клучни суровини. Ова може да биде контроверзно, бидејќи европската индустрија традиционално неволно споделува податоци за производството и синџирот на снабдување со Брисел.
Финансирање
Според планот, ЕУ ќе помогне во мобилизирање до 800 милијарди евра за одбрана, вклучувајќи 150 милијарди евра преку програмата „SAFE“ (заеми за оружје), 1,5 милијарди евра од Европската програма за одбранбена индустрија (сè уште во процес на преговори), средства од Европскиот одбранбен фонд и средства од следниот повеќегодишен буџет, кој стапува на сила во 2027 година.
Во документот се нагласува дека земјите-членки ќе ја задржат контролата врз својата национална одбрана.
„Земјите-членки се и ќе останат суверени врз својата национална одбрана“.
И покрај оваа формулација, некои земји продолжуваат да изразуваат загриженост за сè поголемата улога на ЕУ во областа на одбраната, што традиционално е одговорност на националните влади.
Во својот официјален придонес, Германија нагласи дека главната цел е да се создадат услови земјите-членки да можат да ги исполнат своите национални и меѓународни одбранбени цели.
Шведска, од друга страна, рече дека индикаторите мора да бидат фокусирани на конкретни резултати, а не на тоа колку земјите користат заеднички алатки како што се заедничките набавки.
Поширок безбедносен контекст
Планот, кој е во подготовка од летото, има за цел да ги реши загриженостите на сите членки, а не само на оние кои се чувствуваат најзагрозени од Русија.
Во согласност со интересите на јужноевропските земји како што се Италија и Шпанија, во документот се наведува дека Европа не смее да биде слепа за заканите што доаѓаат од други делови на светот, при што се споменуваат Блискиот Исток и Африка.
Во нацрт-документот, исто така, се нагласува дека ЕУ тесно ќе соработува со НАТО. Алијансата и некои национални влади изразија загриженост дека Брисел би можел да воспостави паралелни структури што би можеле да ги закомпликуваат одбранбените планови, наместо ефикасно да се интегрираат со НАТО.
Крајната цел на планот е да ѝ се даде на Европската Унија поголема стратешка автономија во еден сè понесигурен свет.
„Авторитарните држави сè повеќе се обидуваат да влијаат на нашите општества и економии. Традиционалните сојузници и партнери, исто така, го префрлаат својот фокус кон други региони во светот … Одбранбената положба и капацитетите на Европа мора да бидат подготвени за бојните полиња на иднината“, се наведува во нацрт-документот.