Орбан по разговорите Трамп-Путин: Голема вест за мирољубивите луѓе, подготвени сме

Макфакс

16/10/2025

20:59

384

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека наскоро повторно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а овој пат средбата ќе се одржи во Будимпешта. Двајцата лидери се согласија за нов самит за време на телефонски разговор.

Унгарија е подготвена да биде домаќин на самитот Русија-САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Планираната средба меѓу американскиот и рускиот претседател е голема вест за мирољубивите луѓе низ целиот свет. Подготвени сме!“ напиша тој на X.

Трамп и Путин последен пат се сретнаа пред два месеци во Алјаска, но таа средба не донесе конкретен напредок кон мирот во Украина, по што следеше период на дипломатско затишје меѓу Вашингтон и Москва, анализираат медиумите.

Денешниот телефонски повик не беше објавен со денови, за разлика од некои претходни, а аналитичарите истакнуваат дека времето на неговото случување е исклучително значајно. Имено, Трамп утре треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Клучната тема на нивниот разговор ќе биде можното испраќање американски ракети со долг дострел „Томахавк“ во Украина, што би претставувало значително зголемување на воената помош за земјата.