Обвинителството во Бангладеш побара поранешната премиерка Шеик Хасина да биде осудена на смртна казна поради бруталната пресметка со протестите што минатата година ги предводеа студентите, а кои на крајот доведоа до нејзиното симнување од власт.
Хасина, која избега во Индија, се соочува со судење за злосторства против човештвото. Според наводите од протечена аудио-снимка, таа наводно им наредила на безбедносните сили да „користат смртоносно оружје“ против демонстрантите. Хасина ги отфрла сите обвинувања.
За време на повеќенеделните немири, со кои заврши нејзиното 15-годишно владеење, беа убиени 1400 луѓе. Тоа беше најтешкиот бран на насилство во Бангладеш по војната за независност во 1971 година.
Главниот обвинител Тајул Ислам изјави дека Хасина „заслужува 1400 смртни казни“. „Бидејќи тоа човечки не е можно, бараме барем една“, рече тој пред судот.
„Целта на Хасина беше трајно да ја задржи власта, за себе и за своето семејство“, рече Ислам. „Стана закоравен криминалец и не покажува никакво каење за бруталноста што ја направила“, додаде тој.
Протестите започнаа во јули 2024 година поради квотите во државната служба наменети за роднини на учесници во војната за независност, но брзо прераснаа во масовно движење за соборување на Хасина.
Најтешките судири се случија на 5 август, кога Хасина побегна со хеликоптер непосредно пред демонстрантите да упаднат во нејзината резиденција во Дака, откри истрагата на „BBC“.
#BREAKING: Dictator of #Bangladesh resigned and fled to #India before protesters taking over her palace! This video shows former Bangladesh Prime Minister #SheikhHasina running away from her country using this Mi-17 helicopter of the Bangladeshi Air Force today. pic.twitter.com/psemmRjzRR
— Babak Taghvaee - The Crisis Watch (@BabakTaghvaee1) August 5, 2024
Истиот ден полицијата уби најмалку 52 лица во една прометна населба во Дака, што беше означено како еден од најтешките случаи на полициско насилство во историјата на земјата.
Адвокатката на Хасина, именувана од државата, тврди дека полицајците биле принудени да отворат оган поради насилното однесување на демонстрантите.
Освен Хасина, на обвинителната клупа се наоѓаат и нејзиниот поранешен министер за внатрешни работи Асадузаман Кан Камал, кој исто така се крие, како и поранешниот шеф на полицијата Чоудхури Абдула Ал-Мамун. Обвинителството бара смртна казна и за Камал, додека Чоудхури ја призна вината уште во јули, но сè уште не му е изречена казна.
Хасина веќе претходно беше осудена на шест месеци затвор поради непочитување на судот, а се соочува и со одделни обвиненија за корупција.
Следните избори во Бангладеш треба да се одржат во февруари наредната година, а фаворит за победа е опозициската Националистичка партија на Бангладеш (BNP). Партијата на Хасина, „Awami League“, е забранета и нема право да учествува ниту во политички активности, ниту на изборите.