Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за средбата со американскиот претседател Доналд Трамп дека била „продуктивна“ и дека е отворен за билатерални или трилатерални разговори, „за секаков вид што носи мир“, додека Трамп објави дека „е време да се најде договор за завршување на војната“.
Американскиот претседател Доналд Трамп му порача на Володимир Зеленски дека е време да се постигне договор и да се стави крај на конфликтот, соопшти Белата куќа.
„Му реков, како што силно го советував претседателот Путин, дека е време да се запре убивањето и да се постигне договор!“, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Американскиот претседател додаде и дека двете страни ќе се прогласат за победници, а „нека историјата одлучи“.
Трамп објави на Truth Social дека Зеленски му рекол на состанокот дека е „време да се најде договор за завршување на војната“.
„Средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски беше многу интересна и срдечна, но му реков, како што силно му предложив на претседателот Путин, дека е време да се запре убивањето и да се најде договор“, напиша Трамп, тврдејќи дека двете завојувани страни треба „да запрат таму каде што се“.
Според него, постои доверба во успехот за решение на украинскиот конфликт и настаните „се развиваат доста добро“. Во извештајот на Белата куќа се наведува дека Трамп истакнал дека е потребно долгорочно решение за конфликтот.
Кога станува збор за главниот интерес на Зеленски на средбата во Вашингтон односно дозволата за испорака во Украина и дозволата украинските вооружени сили да користат американско оружје со долг дострел за напади длабоко на руска територија, Белата куќа објави дека Трамп смета дека тоа би довело до ескалација и истакнал дека испораките на ракетите „Tomahawk“ би можело да доведе до „многу лоши работи“.
Според порталот Axios, шефот на Белата куќа му објаснил на Зеленски дека нема намера да го снабди со ова оружје, барем засега.
По средбата со американскиот лидер, Зеленски разговараше со новинарите. Прво им се обрати на украински, а потоа се префрли на англиски, објаснувајќи дека „заборавил“ дека е „во Соединетите држави“. Според агенциските извештаи, Зеленски на новинарските прашања одговарал кусо и одбегнувајќи ги вистинските одговори.
„Секако, разговаравме и за ракети со долг дострел, и не сакам да давам никакви изјави за ова прашање. Решивме да не зборуваме за тоа бидејќи (…) Соединетите Американски Држави не сакаат ескалација“, рече тој.
„Веруваме дека Трамп сака да ја заврши оваа војна“, рече Зеленски по средбата со Трамп во Белата куќа ноќта кон сабота по европско време.
Во врска со потенцијалната испорака на американски ракети „Tomahawk“ во Украина, Зеленски изјави дека е „реално“, дека темата била дискутирана на средбата, но дека САД не сакаат да предизвикаат „ескалација“ со Москва.
„Русија се плаши од Tomahawk“, навистина се плаши, бидејќи е моќно оружје“, уверуваше Зеленски во кусиот разговор со новинарите надвор од Белата куќа.
Иако ја опиша средбата со Трамп како „продуктивна“, Зеленски исто така рече дека „смета на Трамп да изврши притисок врз Путин“.
Тој, исто така, повторно повика на „безбедносни гаранции“ за неговата земја и рече дека е „отворен“ за тристран самит со Трамп и Путин за да се обиде да се спречи руската инвазија.
Според извор во украинската делегација во Вашингтон, Зеленски му презентирал на Трамп и „мапи“ што покажуваат потенцијални цели во Русија што би можеле да бидат погодени со ракетите „Tomahawk“.
„На овие мапи, постојат точки на притисок во руската одбрана и воена економија што можат да бидат ‘таргетирани’ за да се принуди (Владимир) Путин да ја заврши војната“, објаснил изворот на новинарите без да појасни што би можел да биде рускиот одговор на таквите дејствија на Киев и неговите западни сојузници.
Зеленски, исто така, откри дека по средбата со американскиот претседател, разговарал по телефон со европските челници.