Ќе заобиколи половина Европа: Еве како Путин ќе мора да лета за да стаса до Будимпешта

Точка

18/10/2025

16:29

3.398

Големина на фонт

а а а

Поради санкциите и забраната за прелет над повеќето европски земји, Владимир Путин нема да може директно да стаса до Будимпешта.

На патот кон евентуален мировен самит со Доналд Трамп, тој ќе мора да трне на заобиколна рута од речиси 5.000 километри – преку Турција и Србија.

Будимпешта наскоро би можела да стане центар на светската дипломатија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретнат во унгарската престолнина за да разговараат за прекинување на војната во Украина. Орбан ја поздрави веста со воодушевување на социјалната мрежа Икс. „Одлична вест за мирољубивите луѓе во светот! Подготвени сме!“, рече тој, нагласувајќи дека Унгарија сака да биде домаќин на преговори што би можеле да го отворат патот за мир. Во подоцнежна објава, тој додаде дека „штотуку завршил телефонски разговор со претседателот Трамп“ и дека „подготовките за мировниот самит САД-Русија се во тек“.


Според „Airlive.net“, Трамп потврдил дека тој ден имал „долг и многу корисен разговор“ со Путин и дека „е постигнат голем напредок“ во договарањето на можна средба. Будимпешта, пишува порталот, се споменува како неутрален и симболичен простор – таа е членка на Европската Унија, но и земја која одржува отворени канали за комуникација со Москва. Меѓутоа, доаѓањето на Владимир Путин се соочува со сериозни логистички пречки. Поради санкциите на Европската Унија и забраната за прелет на руски владини авиони, на претседателскиот авион на Путин, Иљушин Ил-96, не му е дозволено да влезе во воздушниот простор на повеќето европски земји. Ова значи дека рутата од Москва до Будимпешта би морала да го заобиколи речиси целиот континент – преку Турција и Србија, две земји кои не ѝ вовеле санкции на Русија.


Таквата заобиколна рута би можела да биде долга околу 5.000 километри, што би го продолжило летот за речиси три часа во споредба со вообичаената оддалеченост од 1.500 километри. Безбедносните експерти предупредуваат дека летањето над Црното Море носи дополнителни ризици поради зголемената воена активност во регионот, додека техничките тимови треба да го координираат секој сегмент од летот со турската и српската контрола на воздушниот сообраќај. Ваквите ситуации не се непознати за Русија.

Од почетокот на 2022 година, по воведувањето на санкции и забрани за прелет, руските функционери беа принудени да користат алтернативни рути преку Централна Азија, Блискиот Исток или Северна Африка. На пример, во јуни минатата година, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров морал да патува преку Иран и Алжир за да стигне на самитот на БРИКС во Јужна Африка.