„Сивиот развод“ станува сѐ почест: Дали знаете што означува овој термин?

Точка

21/10/2025

14:45

1.957

Големина на фонт

а а а

Дали некогаш сте слушнале за „сив развод“? Овој поим се користи за да се опише разводот на парови во повозрасна доба, обично во педесеттите години од животот или подоцна, поради низа различни причини.

 Додека помладите парови најчесто се разведуваат поради неверство, насилство, финансиски проблеми или недостиг на искуство во долгорочни врски, кај повозрасните партнери разводите најчесто се резултат на поширок спектар на проблеми кои се наталожиле со текот на годините. Бројот на „сиви разводи“ бележел мал пораст помеѓу 1970 и 1990 година, но се удвоил до 2010 година – и стапката сѐ уште е во пораст, според податоци на „Cleveland Clinic“.

Психологот Чивона Чајлдс објаснува дека овие промени во стапките на развод најмногу се должат на подолгиот животен век, промените во традиционалната култура и променливите ставови на општеството кон бракот и неговите придобивки.


„Ова веќе не е 18-ти, 19-ти ниту 20-ти век, и нема повеќе потреба да се остане во брак кој веќе не ве исполнува. Жените денес имаат многу поголема финансиска стабилност и флексибилност во своите животи, а никогаш досега не сме посветувале толку внимание на менталното здравје. Не сме веќе ограничени на тоа дека мора да останеме во брак исклучиво од финансиски причини“, вели таа.

Меѓу другите причини поради кои паровите се одлучуваат за „сив развод“ се и: еднострани врски во кои партнерите имаат различни интереси, соништа и цели; чувство дека бракот стагнира; потреба од независност; желба за личен развој, ментална благосостојба и подобар квалитет на живот – и слично.

„‘Сивиот развод’ често претставува избор насочен кон подобрување на сопствениот живот и личниот раст. Потребна е голема храброст за да се донесе оваа одлука, а луѓето најчесто ја носат поради вистински и оправдани причини“, додава Чивона.