Моќниот генерал кој го смени Зеленски: „Пристигнува војска за која Европа не е подготвена“

Точка

22/10/2025

12:50

6.612

Големина на фонт

а а а

Европа ги одложува тешките одбранбени одлуки во корист на удобноста и политичката популарност, додека во заднина се гради нова воена доктрина заснована врз роботи и вештачка интелигенција, предупредува поранешниот врховен командант на Вооружените сили на Украина, генерал Валериј Залужни.

Според него, во рамки на НАТО не постои ист ентузијазам за нова трка во вооружување какво што демонстрира Русија – амбиција што, преку воено искуство, ќе ја преземат и Кина, Иран и Северна Кореја.

Во својата статија за „Eastern Flank Institute“, Залужни објаснува дека моментално се развива фундаментално нова воена доктрина, која треба да биде финализирана до 2030 година.


„Тоа ќе бидат вооружени сили од роботи, автономни системи и вештачка интелигенција, комбинирани со искуство и постојни доктрини. Најважно – ќе можат да ги прошируваат своите нови способности до неопходното ниво“, наведува Залужни.

„Украина ѝ купува време на Европа, но вистинската битка допрва почнува“

Генералот истакнува дека еден од главните пропусти во подготовките за војна било одложувањето на непопуларните одлуки заради краткорочна популарност и исполнување на популистички ветувања. Истата грешка, вели тој, денес се гледа и кај европските лидери.

Забрзувањето на одбранбената подготвеност во демократско општество бара отворен дијалог со јавноста.

„Кој прв ќе го отвори овој дијалог – европските влади или руската војска – зависи од нас и нашите партнери“, вели Залужни и додава:


„Засега, Украинците, борејќи се за сопствен опстанок, ѝ купуваат време на Европа“.

Дали Европа навистина гради нова безбедносна архитектура?

Залужни е критичен кон досегашните напори:

„И покрај безбројните дискусии што се водат на разни форуми во Украина и Европа, и покрај одложувањето на нови пакети санкции, во моментов постои само еден програмски документ развиен на европско ниво“.

Станува збор за документот „Заедничка европска одбранбена Бела книга – Подготвеност до 2030“, кој за првпат ја истакнува потребата од стратешка автономија на Европа од САД.


„Сепак, анализирајќи го овој документ од наша и европска перспектива, мораме да заклучиме дека декларираните финансиски средства дефинитивно нема да бидат доволни за остварување на неговата главна цел“, смета Залужни.

„Европа не е подготвена да се откаже од ослонувањето на Вашингтон“

Се поставува и прашањето дали граѓаните и политичките елити на земјите-членки на ЕУ се подготвени да ѝ дадат приоритет на одбраната доколку тоа значи намалување на економската благосостојба.

Во моментов, повеќе од 60% од набавката на европска одбранбена опрема се врши во САД. Залужни истакнува дека ЕУ е создадена со стремеж кон мир и стабилност, со целосни безбедносни гаранции од САД и НАТО, поради што Унијата сè уште нема јасни механизми на обврска, ниту темели за спроведување политичка волја.


„Затоа спроведувањето на предлозите од овој документ (Белата книга) ќе се темели на 'мотивација' и 'охрабрување', без воспоставување обврзувачки механизми“, вели Залужни.

Тој заклучува дека, и покрај големите очекувања, европската безбедност во пракса и понатаму ќе остане зависна од САД.

„ЕУ нема заеднички воени структури ниту заповедништво“

Белата книга до 2030 не предвидува клучна цел – создавање на заеднички воени структури во рамки на ЕУ, ниту тела кои би биле способни да командуваат со нив.

Залужни наведува дека вистински воени капацитети можат да се постигнат само преку единствен систем на трансформација во неколку области: развој на нови технологии, реформа на одбранбената индустрија, приспособена логистика, управување со процеси, структури на вооружени сили и доктрини за обука.


„Поради недостиг на јасен механизам на одговорност, разговорите за стратешка автономија на Европа од САД се исклучително предвремени“, тврди Залужни.

Како резултат, надворешната политика на ЕУ ќе остане насочена кон одржување на постојната безбедносна формула со САД во центарот. Сепак, соработката со ЕУ ќе ѝ овозможи на Украина не само да ја сподели својата болка, туку и своето уникатно воено искуство, кое може да помогне на земјите-членки побрзо да ги унапредат сопствените одбранбени стратегии, заклучува тој.

Кој е Залужни?

Валериј Залужни беше врховен командант на Вооружените сили на Украина од 2021 до февруари 2024 година и се смета за клучна фигура на украинскиот отпор против руската инвазија.

Во првите месеци од војната стекна репутација на брилијантен стратег, кој ја модернизираше украинската армија и успешно ги комбинираше западните технологии со домашни решенија.

Тој беше архитект на одбраната на Киев во првите денови од инвазијата, го надгледуваше контранападот за ослободување на Харкивската област, како и повратокот на Херсон во 2022 година. Како командант од новата генерација, уживаше голема доверба и кај војската и кај граѓаните, а западните сојузници често го опишуваа како „лицето на успешната украинска армија“.

Со текот на времето, неговиот однос со претседателот Володимир Зеленски се влоши. Несогласувања се појавија околу водството на војната, политичкото влијание врз војската и комуникацијата со јавноста.


По неуспешната украинска контраофанзива во 2023 и сè почестите извештаи за исцрпеност на армијата, Залужни во интервју отворено зборуваше за потребите од приспособување и одбранбен пристап, што во Киев беше протолкувано како критика на политичкиот врв.

Зеленски го разреши во февруари 2024, и покрај неговата огромна популарност кај граѓаните и војниците. Потегот предизвика поделени реакции и во Украина и на Запад, каде што многумина стравуваа дека смената ќе го наруши моралот и довербата во военото водство.

По заминувањето од функцијата, беше именуван за украински амбасадор во Обединетото Кралство, што во Киев беше сфатено како политички елегантен начин да се зачува неговиот углед, но и да се отстрани од домашната политика.

Во моментов соработува со меѓународни безбедносни институти, како што е „Eastern Flank Institute“, каде што објавува стратешки анализи за иднината на војувањето, вештачката интелигенција и одбранбените доктрини.

Иако повеќе не е дел од воената команда, останува еден од највлијателните гласови на украинската армија и симбол на борбата против Русија.