Заборавена технологија се враќа посилна од кога било — и би можела да ја спаси планетата од енергетската криза предизвикана од „AI“

Точка

30/10/2025

18:28

670

Големина на фонт

а а а

Кинески научници оживеаја заборавена технологија на аналогни чипови, кои би можеле значително да го забрзаат процесот на тренирање на „вештачката интелигенција“ и истовремено да ја намалат нејзината огромна потрошувачка на енергија.

Тим истражувачи од Кина можеби пронашол начин како да се спротивстави на сè поголемата енергетска побарувачка што ја создава „AI“ индустријата — преку повторно воведување на аналогните компјутери.

За разлика од дигиталните уреди како лаптопи или паметни телефони, кои ги складираат податоците преку бинарен систем (0 и 1), аналогните компјутери користат континуирано променливи вредности — како напон или електричен отпор. Историски гледано, аналогните системи биле ограничени на тесни групи проблеми и имале помала прецизност од дигиталните решенија, но денес таа разлика се намалува.


Револуционерни чипови од Универзитетот во Пекинг

Жонг Сун од Универзитетот во Пекинг и неговиот тим развиле два аналогни чипа кои заедно решаваат матрични равенки — математичка основа на тренингот на „AI“, телекомуникациите и научните симулации — со досега невидена прецизност. Нивната студија е објавена во списанието „Nature Electronics“.

Првиот чип произведува брзи, но груби решенија, додека вториот користи итеративен алгоритам за постепено намалување на грешката. Сун во изјава за „New Scientist“ објасни дека првиот чип има точност со отстапување од околу 1%, но по три циклуси на вториот чип, грешката паѓа на само 0,0000001% — прецизност што е споредлива со онаа на стандардните дигитални калкулации.

Во моментов, нивниот прототип може да решава матрици со 16 редови и 16 колони, што одговара на 256 променливи. Но, за да се достигне нивото потребно за модерните „AI“ модели, ќе бидат потребни склопови со матрици од можеби милион на милион елементи.

Помалку енергија, поголема ефикасност

Сун истакнува дека аналогните системи го задржуваат истото време на обработка дури и кога матриците растат, додека кај дигиталните чипови оптоварувањето експоненцијално се зголемува. Според него, процесор со големина 32 на 32 би можел да ја надмине пропусната моќ на „Nvidia H100 GPU“, и тоа со дури 100 пати помала потрошувачка на енергија.

Сепак, Сун предупредува дека оваа споредба се однесува само на брзината на процесирање — кај реални апликации можат да се појават други ограничувања. Најверојатен правец на развој, според него, се хибридни процесори кои ќе комбинираат аналогни и дигитални компоненти.


Потенцијал за глобално влијание

Џејмс Милен од Кралскиот колеџ во Лондон ја истакнува пошироката важност на ова откритие. Аналогните компјутери, вели тој, се природно приспособени за специфични задачи и токму затоа можат да бидат извонредно брзи и ефикасни. Подобрената изведба на вакви пресметки може да помогне во намалување на огромната побарувачка за енергија што произлегува од нашата сè поголема зависност од „вештачката интелигенција“, изјави тој за „New Scientist“.