Одредени намирници имаат многу штетно влијание врз нашиот организам, што е особено забележливо кога старееме.
40-от роденден е важен пресврт во животот, кога многу работи треба да се преиспитаат, вклучувајќи ја и исхраната. Експертите сметаат дека ова е вистинско време да исклучиме одредени намирници од нашето мени.

Нема повеќе чипс и газирани пијалаци
Рускиот нутриционист Зухра Павлова вели дека последиците од навиките во младоста почнуваат да се покажуваат по 40-тата година од животот. Но, не грижете се, ништо не е изгубено – дури и доколку во овие години направиме одредени промени во својот живот, може да си обезбедиме здрав и долг живот.
„Чипсот и газираните пијалаци треба да ги заборавиме. Разновидната исхрана е клучот за одржување на целокупното здравје. Вклучете ги мешунките како грашок, грав, леќа, како и житарките и млечните производи“, советува Павлова.
Таа додава дека во исхраната треба често да ја вклучуваме и морската риба, печурките, грејпфрутот, зелениот зеленчук, јаткастите плодови, брокулата и зачините како куркума и кумин. Исто така нагласува дека пиењето доволно количина вода е клучно за функционирање на телото. Освен водата, се препорачува пиење на растителни чаеви.
Клучно е да бидеме свесни за нашата исхрана
Павлова предупредува на штетни влијанија на високо преработената и пржена храна, особено месото. Оваа храна го загрозува здравјето на црниот дроб, крвните садови и зглобови, па придонесува во проблемите со кожата, метаболизмот и тежината.

Исто така вели дека треба да избегнуваме шеќер.
„Шеќерот го забрзува стареењето на мозокот и е одлично „гориво“ за малигните клетки. Исто така придонесува во стареењето на кожата, крвните садови и внатрешните органи. Задолжително избегнувајте засладени пијалаци и печива. Исто така ограничете го консумирањето на бел леб, тестенини, бел ориз и преработени житарки“, предупредила таа.
По 40-тата година од животот клучно е да станеме свесни за својата исхрана. Елиминирањето на нездравата храна и вклучување на хранливи алтернативи може значајно да го подобри квалитетот на нашиот живот и да придонесе во одржување на младоликиот изглед и здравјето.
 
                                








