Најкратката државна граница на светот разделува две земји кои воопшто не се дел од ист континент: Долга е само 85 метри

Точка

03/11/2025

20:59

2.366

Големина на фонт

а а а

Граници, места каде што завршува една држава, а започнува друга, низ историјата обично биле препознатливи географски локации. Море, реки, планини... Таму каде што немало такви јасни, договорени ознаки, биле изградени утврдени системи. Со текот на времето, границите сè повеќе станувале прашање на договор, а често и на расправии меѓу државите.

Но, дали знаете која е најкратката меѓународна граница во светот и каде се наоѓа? Одговорот го наоѓаме на допирот меѓу два континента — Европа и Африка.

Најдолгата граница ја делат САД и Канада, а најкратката Шпанија и Мароко

Најдолгата копнена граница меѓу две држави е онаа што ги дели Соединетите Американски Држави и Канада. Долга е неверојатни 8.890 километри. Потоа следи границата меѓу Русија и Казахстан, долга 6.846 километри, и онаа меѓу Чиле и Аргентина со 5.308 километри. Овие бројки изгледаат импресивно во споредба со просечната должина на граници — особено кога ќе се споредат со границата што ја држи титулата на најкратка. Најкратката меѓународна граница во светот е долга само 85 метри и ја дели територијата на Шпанија и Мароко.


Камена карпа која Шпанците ја освоиле во 16.век

Пењон де Велес де ла Гомера (Peñón de Vélez de la Gomera) е мала карпа во северна Африка што од 1564 година е дел од шпанската територија. Мароко во повеќе наврати полагал право на неа, но Шпанија никогаш не се согласила да ја врати и таму има стационирани воени трупи. Оваа земја вкупно има околу 2000 километри копнена граница со Португалија, Франција, Андора, Мароко и Гибралтар, кој е британска територија. Но, оваа мала карпа е најкратката и најоспоруваната.


Интересно е дека Пењон де Велес де ла Гомера некогаш бил остров. Земјотресот што го погодил во 1934 година создал мал премин и го претворил во полуостров, и од тогаш ова официјално е најкратката копнена граница во светот.

Шпански енклави на територијата на Северна Африка


Карпата Пењон де Велес де ла Гомера е само едно од така наречените места на шпански суверенитет во Северна Африка. Градовите Сеута и Мелиља всушност се опкружени од сите страни со територија на Мароко и имаат статус на автономен шпански град. Карпата Пењон де Велес де ла Гомера има статус на неавтономна територија под шпанска управа, за која директно се одговорни властите во Мадрид.


Последниот напад на оваа граница се случил во 2012 година, кога група марокански активисти се обидела да го заземе подрачјето, при што барале и „ослободување“ на Сеута и Мелиља.