Ерик Шмит е поранешен извршен директор на компанијата „Google“, чие богатство се проценува на 45 милијарди долари. Тој тврди дека тајната на неговиот успех не лежи во бескрајните часови поминати во канцеларија.
Всушност, својот успех го припишува на една едноставна навика, за која смета дека може да биде пресвртница за секој кој сака да ја зголеми продуктивноста. Негова препорака е секој викенд да одвоите неколку часа за размислување и да земете хартија и пенкало. Екрани во овој случај не се прифатливи.
Станува збор за нешто за кое зборувал во интервју за „The Gstaad Guy Podcast“.
„Во текот на неделата навистина напорно работите, колку што можете – 12, 14 часа дневно. Викендите, кога сте дома или со семејството, одвојте неколку часа за размислување. Исклучете го телефонот, не праќајте пораки, не гледајте Инстаграм и слично. Размислете и запишете проценка за тоа што сте постигнале во текот на неделата, а потоа што треба да направите следната недела за да се позанимавате со работите што сте ги заборавиле претходната недела“, советува Шмит.
Тој инсистира на оваа практика бидејќи смета дека со неа се вежба фокусирање на одговорноста.
„Ова е добар трик бидејќи ве принудува да ја преземете одговорноста за вашата следна недела“, додава тој.

Но, тоа не значи да си поставите повеќе задачи за време на викендот. Станува збор за користење на слободното време за, како што изјавил, рекалибрација, која му помогнала да сфати дека повеќе време поминато на работното место не значи секогаш подобри резултати. Напротив. Тврди дека оваа практика можат да ја применуваат сите, без разлика на работната позиција, особено оние кои се заситени со користење на електронски уреди.
Тој додава дека усвојувањето на оваа викенд навика може да ви помогне да забележите мали проблеми пред да станат големи и да се фокусирате на важните работи. Како што и самиот милијардер забележал, запишувањето носи јасност, а јасноста не нè прави само зафатени, туку и ефикасни, пренесува порталот „Fortune“.