Според доверителите и покрај интензивните разговори, досега не се појавил ниту еден инвеститор кој е подготвен да ги обезбеди потребните финансиски средства.
Производителот на батерии „Варта“ се соочува со длабоко реструктурирање, а неговата иднина е неизвесна. Група доверители сака да го издвои секторот за батерии за домаќинство од компанијата и да го пренесе во нова сопственичка структура, оценувајќи дека тоа е најперспективниот начин барем делови од компанијата да бидат спасени, пренесе „Tagesschau“.

Доверителите ја оправдуваат промената на стратегијата со тешката финансиска состојба на компанијата од германскиот град Елванген. Недостигаат средства за тековното работење, а потребен е и дополнителен капитал за долгорочно одржување на бизнисот. Според нив и покрај интензивните разговори, досега не се појавил ниту еден инвеститор подготвен да ги обезбеди неопходните финансиски средства.
„Варта“ веќе во 2024 година западна во сериозна криза. За да избегне стечај, компанијата во јули минатата година започна постапка за реструктурирање според Законот за стабилизација и реструктурирање на претпријатијата. Но, се чини дека тогашните мерки не биле доволни.

Австрискиот претприемач и косопственик Михаел Тојнер сака да продолжи да управува со делови од компанијата, но изјави дека тоа ќе биде можно само со спроведување на последните мерки и „тешки кратења“.
Тој укажа и на генерално тешките услови за производство на батерии во Европа.
„Високите цени на енергијата, високите трошоци за работна сила и другите недостатоци на европските производствени локации го прават развојот на бизнисот со батерии во Европа многу поголем предизвик во споредба со Азија“, изјави Тојнер.

На проблемите дополнително влијаел и потегот на Епл. Имено, компанијата во мај го раскина договорот за испорака на батерии за слушалките Ерподс и го префрли производството во Кина.
Поради тоа, како што пренесе „Tagesschau“, фабриката на „Варта“ во баварскиот град Нердлинген, во која работат околу 350 лица ќе биде затворена во октомври.