Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје – упати критика кон сите пратеници во македонското Собрание поради усвојувањето на Законот за контрола на индустриските емисии, кој организацијата го нарекува најштетниот закон во историјата на Македонија.
Од иницијативата најавуваат дека почнуваат постапка за оспорување на уставноста на законот пред Уставниот суд, а паралелно работат и на предлози за негови измени.
Во соопштението се потсетува дека законот бил изгласан пред два месеца, во предизборен период, без ниеден глас против. „Зелен хуман град“ наведува дека од 120 пратеници нула гласале против, 22 не присуствувале, 34 не се изјасниле, а 64 го поддржале законот.
Организацијата обвинува дека со законот се овозможува легално да се произведат последици врз здравјето и животот и дека институциите капитулирале, па затоа тие продолжуваат со правни иницијативи, јавен притисок и активности за чист воздух и безбедни услови за живеење.
„Никој не е слободен додека дише отров легално скриен како деловна тајна“, стои во соопштението, со повик до граѓаните да се приклучат кон иницијативата.
Клучни забелешки на „Зелен хуман град“ за ризикот од прикривање податоци и недоволна контрола
„Зелен хуман град“ и претходно предупреди дека новиот Закон за контрола на индустриските емисии создава сериозни ризици за животната средина и здравјето на граѓаните. Организацијата посочува неколку клучни проблеми, меѓу кои и тоа што не содржи јавно 24/7 достапни податоци за индустриското загадување. Законот не обврзува индустриските капацитети да објавуваат континуирани податоци за емисиите, што значи дека јавноста нема пристап до информации за реалното загадување, велат од тука.
Натаму, како што додаваат, компаниите имаат право да скријат информации за суровини, хемикалии, процеси и активности доколку ги класифицираат како деловна тајна. Според иницијативата, тоа практично дозволува прикривање дали се користат токсични материјали или отпад.
Ја нагласуваат и можноста да се скријат информации за еколошки штети при затворање инсталации. Член 24, став 8 дозволува одредени податоци за мерки за намалување на еколошката штета да бидат недостапни за јавноста. Се наведува дека законот предвидува до 6 месеци работа над дозволените граници, како и до 500 часа годишно со мониторинг што го врши самата индустрија – без независна контрола. Законски се ограничува учеството на јавноста во предлагање технички подобрувања за намалување на загадувањето. Од „Зелен хуман град“ велат и дека во извештајот од јавната расправа се наведува оти големи загадувачи, како „Макстил“ и „Усје“, го поддржале законот, што, според иницијативата, покажува колку е поволен за индустријата. Натаму, како што додаваат, законот бил донесен во време на кампања, што не дозволува ефективно учество на јавноста.
Ставот на Министерството за животна средина: усогласување со ЕУ-стандарди и почиста средина
Според Министерството за животна средина, новиот Закон за контрола на индустриските емисии има цел усогласување со европските еколошки стандарди. Министерството наведува дека со законот: индустриските капацитети ќе мора да работат според најдобрите достапни техники (НДТ); се воведуваат построги услови за работа и намалување на дозволените емисии; загадувањето ќе се мери преку акредитирани лаборатории; се зајакнуваат инспекциската контрола и санкциите; се потврдува принципот загадувачот плаќа; се овозможуваат поголема транспарентност и вклучување на јавноста.
Министерството го претстави законот како чекор кон почист воздух, вода и почва, намалување на отпадот, подобра заштита на здравјето, приближување до европските еколошки политики.
Законот, како што додаваат, бил подготвен со поддршка од Европската Унија.















