Денеска се одржа првата конститутивна седница на Советот на Општина Карпош. Седницата, како што соопштија од општината ја отвори досегашниот претседател на Советот, Бранко Ристов, кој им се заблагодари на советниците од минатиот мандат за соработката, а на новите им посака успешна работа, добар дијалог и многу конструктивни дебати.
Претседателката на Комисијата за прашања на верификација, мандатни прашања, избори и именувања, Андријана Јакимовска Панчевска, ги верифицираше мандатите на 27 новоизбрани членови на Советот на Општина Карпош, по што советниците положија свечена заклетва.
Во оваа пригода, со поздравен говор пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој најави дека општината влегува во нова етапа на одговорност, почит и работа.
– „Денес не зборуваме за политичка победа. Зборуваме за доверба — довербата што ни ја дадоа граѓаните на Карпош. Тоа не е само резултат на избори, тоа е порака дека сакаат промени, ред, сигурност и живот со вистински вредности. Верувам дека вистинското лидерство не е во тоа да победиш противник, туку да создадеш средина во која сите победуваат. Имаме можност за достоинствен почеток – време кога, без разлика на политичките идеологии, сите заедно ја преземаме одговорноста да работиме за доброто на нашите сограѓани – посочи Лукровски.
Првиот човек на Општината им вети на советниците дека ќе биде секогаш достапен за нив, кога е потребна соработка и изнаоѓање на соодветни решенија во корист на карпошани.
– „Верувам и ветувам дека заедно, низ дијалог и почит, ќе изградиме локална самоуправа која ќе се развива рамномерно, со современа инфраструктура, чиста животна средина, поддршка за образованието, културата, спортот и социјалната заштита. Нашата заедничка цел мора да биде едноставна, но голема. Карпош да биде место каде граѓаните живеат достоинствено, каде институциите се отворени, и каде гласот на секој жител се слуша и се почитува. Јас сум убеден дека со континуирана работа ќе го трансформираме нашиот Карпош, кој ќе биде општина за пример!“ – додаде Лукровски.
Во продолжение на конститутивната седница, со мнозинство гласови од советниците беше избран Христо Саракинов, кој во наредниот четиригодишен мандат ќе ја извршува функцијата претседател на Советот на Општина Карпош.
По разгледување на предложените решенија, советниците избраа претседатели и членови на 11 Комисии, кои во претсојниот мандат ќе заседаваат и работат во функција на Советот на Општина Карпош.











