На потег е ФИФА: Глупоста на Роналдо може да му донесе лоши вести за СП

Дерби

14/11/2025

11:57

557

Големина на фонт

а а а

Кристијано Роналдо не остана имун на провокациите од трибините во Ирска и својата фрустрација ја искажа со демонстрирана агресија на теренот, потег за кој заработи директен црвен картон откако ситуацијата беше проверена со помош на ВАР.

Португалскиот капитен ги загуби нервите при негатива од 2:0 и удри противнички стопер со лакт, а со тоа само кулминираше „војната“ која претходно ја започна со ирските навивачи.

Домашната публика со исмевање го испрати Роналдо додека тој го напушташе теренот, но бидејќи станува збор за директен црвен картон, оваа глупост може доста скапо да го чини португалскиот капитен.

Кристијано без никаков сомнеж го одигра последниот квалификациски натпревар за едно Светско првенство и нема да може да им помогне на своите соиграчи на средбата против Ерменија, но доста поголемо внимание ќе привлече одлукта која сега ќе ја донесе дисциплинското тело на ФИФА.

Роналдо го доби првото исклучување во репрезентативната кариера на 226-от настап, но бидејќи црвените картони се пренесуваат на големите натпреварувања, ова може да донесе и голем проблем за португалскиот лидер.

Ако неговиот потег биде окарактеризиран како насилен од страна на дисциплинското тело, Роналдо може да добие казна од три натпревари, што значи дека би пропуштил два натпревари од групната фаза на мундијалот.