Шест додатоци што не треба да ги земате со кафе, според истражувањата

Точка

20/11/2025

17:46

564

Големина на фонт

а а а

Земањето одредени додатоци во исхраната заедно со кафе може да ја намали нивната апсорпција и искористливост, што ги прави ефектите послаби. Иако комбинацијата не е нужно опасна, кофеинот и соединенијата во кафето можат да го намалат дејството на поединечни хранливи материи. Според истражувањата, овие суплементи не се препорачува да се земаат истовремено со кафе.

1. Железо

Кафето содржи полифеноли кои се врзуваат за железото и ја намалуваат неговата апсорпција. Истражувањата покажуваат дека кафе испиено со оброк богат со железо може да ја намали апсорпцијата за околу 35 проценти. Студија од 2023 година, која го испитувала внесот на железо со кафе – со и без појадок – утврди намалување од 54 до 66 проценти, пренесува „Health“.


2. Калциум

Кофеинот може да ја наруши апсорпцијата на калциум од храната и додатоците. Некои истражувања укажуваат дека кафето може да влијае и врз витаминот D, кој е клучен за апсорпција на калциум. Поради тоа што кафето делува диуретички, зголеменото мокрење може да придонесе за поголемо исфрлање на калциум од организмот.


3. Витамин D

Истражувањата сугерираат дека кофеинот може да ја намали ефикасноста на витаминот D со тоа што ги нарушува неговите рецептори. Други студии покажуваат дека лицата кои внесуваат повеќе кофеин често имаат пониски нивоа на витамин D во крвта. Сепак, резултатите укажуваат на поврзаност, а не на директна причинско-последична врска.


4. Витамини од групата B

Со кафе, апсорпцијата на витамините B може да се намали, а организмот побрзо да ги излачува. Студиите покажуваат дека поголем внес на кафе може да биде поврзан со пониски нивоа на тиамин и фолат, а кофеинот дополнително може да влијае на фолатот. Бидејќи витамините Б се растворливи во вода, нивното излачување преку урината може да се зголеми. Сепак, едно истражување наведува дека умерена консумација на кафе (една до две шолји дневно) не влијае значајно на нивото на витамин B12 и фолна киселина.


5. Магнезиум

Кафето може да го забрза исфрлањето на магнезиум од телото преку зголемено мокрење – слично како кај калциумот и витамините Б. Ова може да ја намали ефикасноста на суплементот, особено кај лицата што го земаат поради ниски нивоа, што може да го зголеми ризикот од симптоми како грчеви или замор.


6. Цинк

Кафето може да ја намали бионаличноста на цинкот – односно количината што навистина влегува во крвотокот и има активен ефект во телото. Ова може да биде поврзано и со влијанието на кафето врз витаминот D, бидејќи витаминот D учествува во апсорпцијата на цинк.


Препорака:

Истражувањата укажуваат дека пауза од еден до два часа меѓу консумацијата на кафе и земањето суплементи или витамини може значително да ги намали негативните интеракции и да ја подобри нивната апсорпција.