Тематските и забавните паркови се совршена дестинација за семеен одмор, особено во пресрет на божиќните празници.
Во продолжение пет популарни европски дестинации кои на крајот од годината се трансформираат во земји на зимски чуда.
„Phantasialand“, Германија
Тематскиот парк „Phantasialand“ во германскиот град Брил станува центар на незаборавна празнична магија на крајот од календарската година. Од 15 ноември 2025 година до 25 јануари 2026 година, ќе се одржи Винтертраум, или Зимски сон.
Ова е посебен настан кој вклучува божиќен саем со богат избор на храна и пијалаци, тематски претстави, светлосни атракции на отворено, божиќни паради и слични забавни активности – идеални за истражување со најмалите.
„Efteling“, Холандија
Пред Божиќ, вреди да се посети и најголемиот холандски тематски парк – „Efteling“. Тоа е забавен парк со научнофантастична тематика кој се наоѓа во Катшеувел, Холандија и е базиран на европски митови, легенди и бајки. Нуди широк спектар на атракции во текот на целата година, а од почетокот на ноември до февруари „се облекува“ во својата празнична облека и воодушевува со зимски декор, гастрономски понуди и снежни атракции.

„Legoland“, Англија
„Legoland Windsor“ – тематскиот парк во Беркшир, Англија, посветен на брендот Лего нуди повеќе од педесет забавни возења и атракции погодни за деца до 12 години. Од 22 ноември 2025 година до 3 јануари 2026 година, „Legoland Windsor“ се трансформира во божиќна бајка и е украсен со илјадници прекрасни светла. Нуди средби со Дедо Мраз во неговата снежна куќа, празнични концерти, театарски претстави и слични содржини.
„Studio Warner Bros Leavesden“, Англија
Обожавателите на Хари Потер дефинитивно треба да го посетат студиото „Warner Bros Leavesden“ во близина на Лондон. Таму ќе ја пронајдат постојаната изложба „Создавање на Хари Потер“, која открива како се снимани филмовите врз основа на идеите на Џ.К. Роулинг, а може да ги посетат и култните локации како што е Големата сала, па дури и да се качат на Хогвортс Експрес.



Од 15 ноември 2025 година до 18 јануари 2026 година, ќе се одржи специјална програма „Хогвортс во снегот“, трансформирајќи ја Големата сала во место за Божиќен бал од филмот „Хари Потер и Пламениот пехар“, надополнет со венци од имела, запалени камини и многу храна.
„Disneyland Paris“, Франција
„Disneyland Paris“ е секогаш добра идеја за љубителите на неверојатната магија на Волт Дизни, особено за време на празниците.

Во пресрет на Божиќ ќе најдете џиновската елка, магичните светла на Мики Маус, празничните паради, бројните празнични претстави, па дури и концертот „Let’s Sing Christmas“ каде што познати ликови од Дизни пеат препознатливи божиќни песни.
















