Ракот, дијабетесот и дебелината не се само човечки болести: Нова студија открива дека тие се во пораст и кај животните

Точка

20/11/2025

18:57

379

Големина на фонт

а а а

Различни видови животни ширум светот – од домашни миленици и стока, до морски желки и китови – сè почесто се соочуваат со истите хронични заболувања како и луѓето.

Дијабетес, дебелина, артритис, па дури и карцином, стануваат сѐ почести и во животинското царство, пишува „Еуроњуз“.

Како и кај луѓето, овие незаразни болести важат за „тивки убијци“. Тие се развиваат постепено, како резултат на комбинација од генетски фактори и влијанија од околината.

Иако трендот на раст на хроничните болести кај животните сè уште е недоволно истражен, нова анализа на Земјоделскиот Универзитет во Атина нуди поширока слика за проблемот. Според ова истражување, еколошките промени предизвикани од човековите активности се главниот појачувач на ризикот.


Главната авторка на студијата, научничката Антонија Матарага, посочува дека причините за развој на хронични болести кај животните се идентични со оние кај луѓето: генетика, загадување, лоша исхрана и стрес.

Примерите го потврдуваат овој тренд. Селективното одгледување на кучиња, мачки и сточни раси поради изглед или продуктивност ја зголемува нивната генетска подложност на дијабетес и срцеви заболувања. Дополнително, надворешните фактори — ограничена физичка активност, неправилна исхрана и долготраен стрес — придонесуваат за појава на хронични болести во различни средини: од домовите до океаните.

Дебелината, на пример, е многу честа кај кучињата и мачките. Се проценува дека 50–60 проценти од милениците имаат прекумерна тежина, што веќе довело до зголемен број случаи на дијабетес кај мачките.

Во сточарството, околу една петина од свињите во интензивен одгледувачки систем развиваат остеоартритис. Во морето, кај белугите се документирани карциноми на дигестивниот тракт, а одгледуваниот атлантски лосос се соочува со срцеви заболувања. Дивите животни што живеат во устија загадени со индустриски хемикалии имаат стапка на тумори на црниот дроб од 15 до 25 проценти.


Истражувањето укажува дека климатските промени, деградацијата на живеалиштата, загадувањето и неурамнотежената исхрана се главни сили кои ја зголемуваат ранливоста на животните на хронични болести.

Потоплите океани и уништувањето на коралните гребени се поврзуваат со зголемени стапки на тумори кај морските желки и рибите. Во урбаните средини, високите температури и лошиот квалитет на воздухот придонесуваат за гојазност, дијабетес и нарушување на имунолошкиот систем кај домашните миленици. Хемиското и воздушното загадување го нарушуваат и ендокриниот систем кај птиците и цицачите.

„Како што промените во животната средина ја забрзуваат појавата на болести, така недостатокот од рани дијагностички системи ја одложува нивната навремена детекција кај животните. За разлика од луѓето, за животните нема доволно детални статистики, што укажува на потреба од пообемни истражувања и подобрен ветеринарен надзор“, истакнува Марага.

Истражувањето на хроничните болести кај животните сè уште е во рана фаза, но досегашните резултати имаат големо значење и за ветерината и за јавното здравје. Луѓето и животните се соочуваат со идентични ризици и слични трендови на пораст на хронични заболувања.


Антонија Марага се надева дека интегрираниот пристап, кој ги разгледува здравјето на животните, луѓето и екосистемите како целина, ќе помогне во раното препознавање на ризиците и подобро разбирање на заедничките предизвикувачи.

Истражувачите и креаторите на политики, преку идентификација на заедничките фактори, ќе можат поефикасно да го намалат ризикот од хронични заболувања кај сите живи видови.