„Apple“ сѐ уште не потврдил ништо за својот свитлив телефон, но различните извештаи и протечените информации даваат прилично јасна слика за она што може да го очекуваме од најавениот уред.
Новиот извештај открива очекувана цена за свитливиот телефон на „Apple“ и јасно е дека ова би можело да биде најскапиот „iPhone“ којшто некогаш бил направен.
Според наводите, „Apple“ својот прв свитлив телефон би можел да го понуди на пазарот по цена од 2.399 долари. Извештајот се фокусира на цените на материјалот на телефонот, вклучувајќи го и дисплеј панелот, дизајнот, како и лесните компоненти што вкупната цена на телефонот ќе ја зголемат во горен премиум сегмент.

Извештајот исто така открива дека вкупната продажба на таквиот „iPhone“ телефон во текот на нивниот животен циклус би можела да достигне 15,4 милиони примероци, вклучувајќи 5,4 милиони во текот на 2026 година.
Информациите кои се појавиле претходно, сугерираат дека „iPhone Fold“ (како што го нарекуваат медиумите) ќе има дизајн во облик на книга со поголем внатрешен екран. Се очекува да има четири камери – една од предната страна, една внатре и две одзади.
Телефонот би можел да има 7,8-инчен внатрешен дисплеј и 5,5-инчен надворешен („cover“) екран. Кога ќе се отвори би можел да има дебелина од само 4,5 милиметри, односно околу девет милиметри кога е склопен.

„Apple“ би можел целосно да го отстрани делот за SIM картичка, а наместо него би се користела само „eSIM“ поддршка. Уште една промена би можела да биде враќање на „Touch ID“ којшто би го заменил „Face ID“.
Свитливиот „iPhone“ би можел да биде претставен во септември наредната година, заедно со „iPhone 18 PRO“ серијата.