Во Лас Вегас изминатиот викенд се одржа претпоследната трка од годинашниот Ф1 шампионат, а покрај возачите, една од главните ѕвезди беше и светски познатиот диџеј Стив Аоки, кој направи забава и пушташе музика на самата патека.
Американецот, кој има настапувано и кај нас, присуствувал на настанот со својата партнерка, а на црвениот тепих се појави со уникатни патики дизајнирани од македонскиот уметник Сатја Грабулоски и неговиот бренд „SWithaDot“.
Ова е петта соработка на македонскиот дизајнер со Аоки, односно петти пар патики со потписот на „SWithaDot“ кои ги носи диџејот.
Сатја вели дека дизајнот на патиките овојпат бил инспириран од неговиот албум и од анимето на кое самиот тој е креатор, а се вика „Hiroquest“, а по настанот патиките ќе се најдат на аукција.

Сатја Грабулоски е внук на легендарниот скулптор Јордан Грабулоски – Грабул, чие славно дело е споменикот Македониум во Крушево. Сатја уште од 2016 година го води студиото „SWithaDot“ кое денес брои над 30 уметници ширум светот. Студиото е познато по персонализирани дизајни на патики за светски ѕвезди како Новак Ѓоковиќ, Кристијано Роналдо, Леброн Џејмс и многу други.
Во април, Сатја и неговиот тим дизајнираа и веганска јакна со ликот на Брајан Адамс, која канадската поп-ѕвезда ја доби по концертот во Скопје, а слична јакна годинава доби и Дуа Липа на „Sunny Hill Festival“ во Приштина.




