Жељко Обрадовиќ вечерва слета од Атина во Белград, а на аеродромот „Никола Тесла“ го дочекаа навивачите на Партизан.
Обрадовиќ вчера поднесе оставка на местото тренер на Партизан, а денес Управниот одбор на клубот ја одби неговата оставка и практично му даде целосна слобода и безрезервна поддршка доколку се предомисли и остане на клупата на црно-белите.
Имено, доколку ја повлече оставката, Обрадовиќ ќе има одврзани раце да ги отпушти играчите за кои смета дека со залагањето не ја оправдале досегашната доверба.
„Отпушти ги сите играчи ако сакаш, ќе ти донесеме нови, ќе ја замениме целата екипа“, му порача претседателот на клубот Остоја Мијаиловиќ во денешниот разговор.
Популарните Гробари во голем број дојдоа на аеродромот и со скандирања „Обрадовиќ Жељко“, „Сакаме договор за Жељко“, „Гробари, Гробари, ајде сите во глас, Жељко Обрадовиќ е еден од нас“ му дадоа безрезервна поддршка на најтрофејниот тренер во Европа.
Обрадовиќ беше видливо трогнат од дочекот, но не им се обрати на присутните навивачи.
Сега останува да се види дали Обрадовиќ сепак ќе ја повлече одлуката за заминување од Партизан и ќе продолжи да седи на клупата на црно-белите.




















