Ти кажува дека те сака најмногу на светот, а потоа не ти одговара три дена на пораки и ти вели дека имал поважни обврски. Потоа ти носи букет цвеќе, а веќе по неколку часа те нарекува глупача и те критикува затоа што ги погрешно си средила неговите патики.
Точно како и маргаритките, по принципот „ме сака–не ме сака“, така изгледа насилството во врските – магичен круг на злоупотреба и привидна љубов од која всушност тешко се излегува. А тоа не мора да биде така.
„Она што е многу важно за секоја жртва е да биде добро информирана за тоа што сè може да биде насилство“, нѐ воведува во приказната за тоа како да се препознае потенцијален насилник Сања Девчиќ, социјална работничка која веќе 14 години работи со осудени сторители на насилство од сите видови во Дом Дуга – пишува Индекс.
Во хрватските училишта веќе со години се спроведува програма на Факултетот за едукативна рехабилитација (ERF), посветена на превенција на насилство во младинските врски, а за младите се изработени точни упатства од психологот и другите стручњаци за тоа што се смета за насилна врска и како да се препознае.

„Во пошироката јавност насилството сè уште се перципира само како физичко насилство. Сепак, ние во практика сведочиме дека психичкото насилство е многу почесто застапено, кое се манифестира преку понижување, уцена, обвинување на жртвата за насилното однесување, игнорирање и одземање на слобода“, нагласува Девчиќ.
„Ред флагови“ на кои треба да се внимава
Покрај другото, психологот и другите стручњаци сметаат дека аларм треба да биде:
• ако лицето постојано го/ја навредува својот партнер/ка;
• ако секогаш проверува каде е и што прави;
• ако е љубоморно;
• ако често го губи трпението.
Ако насилното лице во врската постојано се однесува вака и подолго време манипулира со другата личност, жртвата често почнува да посомнева и во својот здрав разум и ѝ е се потешко да процени дали навистина е злоупотребувана.
„Она што веднаш се препознава во работата со сторителите е префрлањето на вината и одговорноста за извршеното насилство на жртвата“, вели Девчиќ, објаснувајќи дека се работи за класични изговори како „ме предизвика“, „не направив ништо“ и „само малку пцуев“.

Покрај тоа, според програмата се наведуваат и знаци за потенцијално злоупотребувана личност: постојано се грижи да не го/ја налути партнерот/ката, се изолира од своето семејство и пријатели и изгледа многу поинаку отколку пред да влезе во таа врска (што може да биде знак на депресија). Оценките во училиште или на работа значително ѝ опаднале, а сите хобија ги занемарила за да може да поминува што повеќе време со партнерот/ката.
Насилник може да биде секој
Дополнително, уште потешко е да се препознае насилникот бидејќи тоа може да биде навистина било кој.
„Тие изгледаат како сосема обични луѓе. Немaат одредени карактеристики по кои би можеле да се препознаат“, нагласува Девчиќ. „Патот кон промена има одредени предуслови, а тоа е да го препознаеш своето однесување како насилно, да ја преземеш одговорноста за него, да бидеш подготвен да ги промениш образците на однесување, да ги преиспиташ своите убедувања и да бидеш подготвен да работиш на позадината на своето однесување која се однесува на емоционалната сфера.“
Антонела Голобиќ, 28-годишна тренерка и сопственичка на свое фитнес студио за жени, е една од младите девојки која била психички злоупотребувана во врска. За своето искуство веќе извесно време зборува на социјалните мрежи и им покажува на младите како може да изгледа злоупотребата.
„Токсична врска од која не можев да излезам“
„На 23 години бев во една токсична врска од која не можев да се извлечам“, ни раскажува Антонела.
Нивната врска, раскажува Антонела во ретроспектива, започнала речиси совршено: била опсипувана со изливи на љубов, ја чекал по работа и ѝ посветувал внимание. Но, со текот на времето, тоа што таа го нарекувала љубов започнало да избледува, а ситуацијата со секој ден постепено станувала сè полоша.
Беше тешко да си признаам себеси дека оваа врска не функционира, раскажува Антонела, но постоеле знаци.
„Кога веќе почнуваш да ги лажеш пријателките дека повеќе не се гледаш со него затоа што сите знаат дека таа личност е лоша за тебе, и покрај тоа почнуваш да измислуваш изговори за него“, вели таа. „На почеток некои работи ти се интересни, но со текот на времето сфаќаш дека тоа не е нормално. Не е нормално личноста да биде екстремно ладна, а потоа екстремно топла кон тебе, од една крајност во друга.“
Љубовта како дрога
На Антонела ѝ требало една година за конечно да ги затвори вратите на таа врска, во која конечната пресуда ја донело сознанието дека тој паралелно бил во врска и со уште една личност. „Тоа е како некаков вид дрога“, објаснува таа, „а секоја трошка внимание и љубов создава сè подлабоко чувство на зависност од другата личност.“

„Од една страна ми зборува дека е единствениот кој ме разбира и дека секогаш ќе биде тука за мене, а потоа ми вели дека за сите други ќе бидам ‘премногу’“, раскажува Антонела, која кратко време и поверувала. „Кога влегов во друга врска две години подоцна и за друг човек станав „премногу“, навистина се запрашав дали тој беше во право кога рече дека тоа ќе се случи.“

Антонела на крајот добила голема помош од својот психотерапевт, го сменила работното место и средината, а покрај тоа се обидувала да се заштити и од новите луѓе што ги запознавала. Било многу тешко и би ѝ било полесно кога би го избегнала таквиот однос, признава Антонела, но верува дека таа ситуација ја зајакнала.
„Навистина бев на дното, се чувствував како било кој да можеше да ме прегази со трактор. Опцијата ми беше или да пропаднам уште подлабоко или да почнам да се извлекувам од сето тоа. Со време конечно сè си дојде на своето, излегов посилна и подобра и многу подобро ги забележувам црвените знамиња кај другите мажи“, вели таа.
„Не избравме насилство“
Кога почнала да зборува за својата насилна врска на социјалните мрежи, Антонела добила реакции и од многу мажи кои искусиле психичко насилство во врска. Според податоците што ни ги наведе Девчиќ, околу 25% од осудените сторители на насилство кои доаѓаат на советување кај неа се жени.

„Тоа не е само прашање на мажи или жени“, раскажува Антонела. „Луѓето ми се заблагодаруваа и ми пишуваа дека никому не му кажувале низ што поминувале, затоа што верувале дека е подобро никој да не знае. Но, тоа е едноставно живот, ние не избравме што ќе ни се случи.“
Никогаш не е едноставно да се замине
На оние кои ѝ велеле дека „едноставно можела да замине“ од таа врска, Антонела им одговорила дека тоа никогаш не е толку едноставно.
„Ако никој не нè советува, можеме години наназад да бидеме во таа врска и да мислиме дека тоа е љубов. Најчесто негативни коментари слушам од луѓе кои не го поминале тоа, можеби го нашле својот совршен партнер веќе на 16 години и им честитам на тоа, но ние сите останати — нека ни е сосреќа“, заклучува на крај.










