Мали темно сини бобинки, полни со железо, витамини и минерали, се сметаат за една од најздравите намирници во светот. До неодамна релативно непозната, во последните години аронијата сè повеќе се одгледува и кај нас.
Нејзината потрошувачка значително порасна по откривањето на неверојатните придобивки за здравјето. Научните истражувања потврдуваат дека аронијата има силни антиоксидативни и антикарциногени својства, а дури и мала дневна количина може позитивно да влијае врз организмот. Во продолжение откријте зошто токму аронијата го стекнала статусот на најздраво растение во светот!
Што е аронија, каде успева и како се одгледува?
Аронијата е повеќегодишна листопадна грмушка со потекло од Северна Америка, а нејзините темно сини плодови изгледаат слично на боровинки. Но, за разлика од слатките боровинки, аронијата е горчлива и кисела, поради што најчесто се консумира во форма на сок, чај, џем или сируп. Лесна е за одгледување бидејќи нема природни непријатели: нејзините листови и плодови не ги напаѓаат штетници. Поради тоа никогаш не се третира со хемикалии, туку расте сосема природно и еколошки. Освен што е отпорна на болести, таа поднесува и студ и мраз. Плодовите созреваат крајот на август и почетокот на септември, а на грмот можат да останат и до два месеци.

Како ова растение се проширило по светот и каде се одгледува?
Аронијата потекнува од Канада, а нејзините лековити својства биле откриени во седумдесеттите години на минатиот век. Но, американските Индијанци ја познавале и ја користеле многу порано. Имено, сушените бобинки ги мелел и ги додавале во оброците, додека свежите плодови ги користеле за ублажување на желудочни тегоби, настинки и грип. Од листовите подготвувале освежителен чај. Не е случајно што аронијата е откриена токму во Канада, бидејќи најдобро успева во области со долги, студени зими и благи летни периоди. Поради тоа, таа наскоро почна да се одгледува во Шведска, Финска и Русија, а подоцна и низ целиот свет.

Зошто аронијата е добра за човековото здравје и како да се консумира?
Аронијата има бројни лековити својства. Човечкиот организам го прочистува од штетни материи и е корисна како превенција против полесни и потешки болести. Истражувањата покажале дека има и антикарциногени својства, бидејќи ги штити здравите клетки, го забавува стареењето на организмот и го спречува развојот на хронични болести. Често се консумира и кога болеста веќе е присутна, бидејќи може да ги олесни симптомите и да помогне во борбата против болеста. Според некои приказни, по нуклеарната катастрофа во Чернобил, за ублажување на здравствените тегоби кај озрачените лица биле користени токму бобинките од аронија!

Докажано го подобрува имунитетот, ја чува кожата и очите
Аронијата докажано е корисна за целокупниот имунитет на организмот. Ги намалува воспалителните процеси и го спречува развојот на бактериски и вирусни инфекции, ги ублажува мигрените и главоболките, одлично влијае на циркулацијата, на цревната слузница и на желудникот. Содржи големи количини бета каротен кој ја штити кожата и очите, а ја регулира и работата на панкреасот и нивото на шеќер во крвта, па се препорачува и кај дијабетичари.
Се консумира сушена, во облик на сок, чај или мармалад
Аронијата можете да ја консумирате свежа, но горчливиот вкус може да ве одврати. Затоа за конумирање е поудобна обработката во сок без додаден шеќер. Доволно е да се испие 0,03 дл чист сок од аронија дневно, односно една чаша како за ракија. Овие сокови ги произведуваат многу семејни фарми, и не е тешко да се најде чист сок, без шеќер и други додатоци. Кај нас се продаваат и сушени бобинки од аронија, мармалади и чаеви, за кои сепак препорачуваме да се прочита декларацијата за да бидете свесни што сè, освен самата аронија, внесувате во организмот.

Свое дрво од ова моќно растение можете да посадите и во вашиот двор
Во градинарските центри и расадниците во Македонија може да се најдат садници од аронија, па ако имате градина, лесно можете да имате свое дрво од ова моќно суперрастение. Пред садењето, одберете место во градината и ископајте дупка длабока околу 30 сантиметри. На дното ставете малку шталско ѓубриво, потоа покријте го со земја за садење и измешајте ги. На таа смеса ставете го коренот на растението и затрупајте со земја.

Нагазете ја земјата околу растението и добро залeјте го. Првата берба можете да ја очекувате за две до три години, а со правилна нега и грижа, по 9 години можете да сметате на околу 15 килограми плод годишно само од едно растение.










