Тешко е да пронајдете посестран јаткаст плод од бадемот. Тие се одлична ужина, а се користат и за подготовка на путер од бадеми, брашно, млеко и многу други производи.
Меѓутоа, нивната вредност не завршува во кулинарството, бадемите носат низа здравствени поволности.
Тие се вистинска „суперхрана“ и го заслужуваат местото во секојдневната исхрана. Тие содржат здрави масти, помалку јаглехидрати и се одлична алтернатива за здрави грицки. Исто така се исклучителен извор на растителни протеини, не содржат холестерол ни глутен, па лесно наоѓаат место во речиси секој режим на исхрана, наведува Марта Стјуарт.
Два нутриционисти ги откриваат клучните поволности кои ги носи редовното консумирање на бадемите.

Здравје на срцето
Бадемите се богати со здрави масти, особено монозаситени кои придонесуваат во одржување на нормалното ниво на холестерол и го штитат кардиоваскуларниот систем, објаснува нутриционистката Лорен Манкер. Овие масти го намалуваат лошиот холестерол, го подобруваат добриот, а заедно со витаминот Е и флавоноидите делуваат антиоксидантско и како потпора на здравјето на срцето.
Контрола на телесната тежина
Комбинацијата на протеини, растителни влакна и здрави масти од бадемите придонесува во долготрајното чувство на ситост и ја намалува потребата за грицки, вели диететичарката Тоби Амидор. Научниот преглед од 2025 година покажал дека внесот од околу 50 грама бадеми дневно може да придонесе во губењето на телесната тежина кај одреден дел од луѓето.
Подобра функција на мозокот
Бадемите изобилуваат со флавоноиди и Л-карнитин, супстанции кои ги поддржуваат когнитивните функции и го намалуваат ризикот од ментален пад. Студија од 2024 година открила дека постарите лица кои секојдневно внесувале над 11 грама јаткасти плодови имале помала веројатност од развивање на когнитивни тешкотии.

Здравје на цревата
Редовното грицкање бадеми позитивно влијае на цревната микроба. Научна студија од 2025 година потврдува дека бадемот го поттикнува растот на корисните бактерии, како што се roseburia, ruminococcus,eubasterium, lachospira и други, а го намалува и ризикот од стомачни тегоби, вклучувајќи го синдромот на иритабилни црева.
Убава кожа
Благодарение на изобилството на витаминот Е и здравите масти, бадемите ја штитат кожата од надворешни оштетувања, ја одржуваат нејзината еластичност и хидратација. Истражувањата покажуваат дека редовното консумирање бадеми може да ги ублажи брчките, да ја подобри текстурата на кожата и да го изедначи тенот.
Во студија од Универзитет во Калифорнија, жените во постменопауза кои двапати дневно јаделе бадеми забележале подобрување во 24 седмици.
Сепак, експертите велат дека е потребно да се спроведат и дополнителни истражувања за овие информации да се потврдат.

Брзо закрепнување на мускулите
Научниците истакнуваат и дека бадемите се одлични по физичка активност. Во студија спроведена на Државниот Универзитет Сан Диего, група возрасни кои осум седмици пред тестирањето јаделе по 60 грама бадеми дневно имале помали оштетувања на мускулите, послабо чувство на болка во мускулите по напорен тренинг, во споредба со групата која јадела переци.













