Легендарниот воз „Шпанец“, кој со години беше запоставен и речиси целосно отпишан, повторно се враќа на македонските железници.
Директорот за влеча и одржување на возните средства и член на Управниот одбор на „Македонски железници-Транспорт“, Игор Коруновски, преку социјалните мрежи сподели видео од целосно обновениот и модернизиран воз.
„Легендарниот воз "Шпанец", некогаш заборавен и речиси отпишан, се враќа на голема врата!
Денес го тестиравме целосно обновениот и модернизиран воз со нов дизајн, телевизори, озвучување, алармни системи и видео надзор. Подготовките за поудобно и побезбедно патување се во полн ек“, напиша Коруновски на Фејсбук.
„Шпанецот“ беше еден од најпознатите возови на поранешните југословенски железници, препознатлив по својата удобност и карактеристичен изглед. Неговото враќање разбуди носталгија и воодушевување кај љубителите на железницата, но и кај сите што се сеќаваат на неговите патувања низ Македонија.
Со обновувањето на „Шпанецот“, Македонски железници најавуваат и ренесанса на железничкиот превоз – со акцент на зачувување на традицијата, но и модернизација на постојните возни средства.















