Доколку Илон Маск и Сем Алтман имаат меѓусебни симпатии, тоа вешто го кријат. Иако во 2015 година заедно ја основаа компанијата „OpenAI“, која го создаде „ChatGPT“, нивното партнерство оттогаш спектакуларно се распадна.
Маск ја напушти „OpenAI“ во 2018 година, а подоцна го основа ривалскиот стартап „xAI“. Тој, или неговата компанија „xAI“, поднесоа повеќе тужби против „OpenAI“, а двајцата во јавноста често разменуваат остри критики.
Во најновата фаза од ривалството, тие се борат за првото место на листата на највредни приватни компании во светот. „OpenAI“ во октомври организираше секундарна продажба на акции, со која компанијата беше проценета на 500 милијарди долари, со што го надмина „SpaceX“ на Маск за дури 100 милијарди долари, пишува „Business Insider“.

Не сакајќи да му ја препушти предноста на ривалот, Маск сега планира сопствена секундарна продажба на акции во „SpaceX“, се наведува во интерно писмо до вработените кое го виделе повеќе медиуми. Со тоа, вредноста на компанијата би била проценета на дури 800 милијарди долари. Доколку тоа се случи наскоро, ќе значи дека Маск му дозволил на Алтман да ја држи лидерската позиција само неколку месеци.
Маск оваа недела на мрежата „X“ (поранешен „Twitter“) потврди и дека компанијата разгледува спектакуларна иницијална јавна понуда на акции (IPO), што можеби би бил единствениот начин „OpenAI“ повторно да ја преземе водечката позиција меѓу приватните компании. „OpenAI“ годинава го реструктуираше своето работење, со што си отвори можност во иднина да тргне и кон сопствен, вртоглаво вреден IPO.

Иако оваа битка во проценките меѓу двајцата милијардери за просечниот вработен може да изгледа како непријатна претстава, таа укажува на важна промена: инвеститорите без преседан вложуваат огромни суми пари во технологии кои некогаш се сметаа за шпекулативни научни проекти.
„SpaceX“, кој има цел да го направи животот мултипланетарен и да го колонизира Марс, и „OpenAI“, кој се стреми да развие теоретска вештачка интелигенција способна да размислува како човек, се само два од највпечатливите примери, но тие се дел од многу поширок раст на вреднувањето на таканаречените гранични технологии. Стартапите од областа на вештачката интелигенција, роботиката и одбранбените технологии во изминатата година достигнаа повеќемилијардерски проценки – и покрај предупредувањата за можен балон.







