Кои се Саџид и Навид Акрам? На семејството му рекле дека одат на риболов, едниот бил член на српско ловечко друштво

Точка

15/12/2025

19:30

3.217

Големина на фонт

а а а

Таткото и синот одговорни за масакрот на плажата Бондај, каде беа убиени 15 луѓе, на семејството му рекле дека за викенд ќе одат на риболов.

Саџид Акрам (50) и неговиот син Навид Акрам (24) се идентификувани како напаѓачи, а полицијата сега истражува нивни наводни врски со Исламската држава, пишува „The Times“.

Кои се напаѓачите од плажата Бондај?

Саџид Акрам бил убиен на лице место од полицијата, додека неговиот син Навид бил застрелан, но преживеал. Двајцата живееле во скромен бунгалов во Бонириг, на крајниот запад на Сиднеј. Според полициските информации, за викенд тие изнајмиле сместување преку „Airbnb“ во Кемпси, од каде се упатиле кон плажата. Полицијата извршила претрес на двете локации.


Навид Акрам бил невработен ѕидар кој пред два месеци останал без работа откако компанијата во која работел отишла во стечај. Неговата мајка, идентификувана како Верена, изјавила за новинарите дека син ѝ ѝ кажал дека ќе оди на риболов со татко му во Џервис Беј, популарна дестинација стотина километри јужно од Сиднеј.

„Ме повика во неделата и ми рече: ‘Мамо, само што се искапав. Нуркав. Сега ќе останеме дома бидејќи надвор е многу жешко’“, раскажала таа за неговиот последен повик.


Врска со Исламската држава

Истрагата добила нов правец откако во сребрен хечбек, со кој напаѓачите се упатиле кон Бондај, било пронајдено знаме на Исламската држава и импровизирани експлозивни направи. Полициските извори откриле дека таткото и синoт минатиот месец патувале на Филипини, што поттикнало сомнеж дека таму можеби биле под влијание на исламистички екстремисти. Познато е дека на Филипини делува Исламската држава на Источна Азија, огранок на оваа терористичка група.

Таткото, Саџид Акрам, имал дозвола за оружје повеќе од десет години и поседувал шест регистрирани парчиња огнено оружје. Комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мал Лејнон, потврдил дека Акрам имал дозвола за оружје од 2015 година.

„Бил член на ловечки клуб“, рекол Лејнон. Подоцна било утврдено дека Акрам бил член на ловечкиот клуб Застава чие седиште се наоѓа во Бонириг, на помалку од два километри од неговата куќа. Членството во клубот и валиден мотив се предуслови за легално поседување оружје, а наведениот мотив на Акрам бил рекреативен лов. Ловечкиот клуб Застава во Сиднеј, инаку, го водат припадници на српското малцинство.


Истражителите откриле дека двајцата вежбале пукање на стрелиште во Сесил Парк. Балистичката и форензичката истрага сега треба да утврдат дали запленетото оружје е токму она за кое Акрам имал дозвола. Во паричникот на 24-годишниот син била пронајдена членска картичка од истото ловечко здружение, но уште не е официјално потврдено дали синoт бил член на истиот клуб.

Што знаеле властите за напаѓачите?

Австралискиот премиер Ентони Албанезе потврди дека домашната разузнавачка агенција „ASIO“ го имала помладиот Акрам на радар уште пред шест години. „Синот првпат дојде во фокус во октомври 2019 година“, рекол Албанезе за новинарите.

„Бил испитан, а проценката беше дека нема индикации за каква било постојана закана или намера да се впушти во насилство“, појаснил премиерот. „Проценката била направена поради врските кои ги имал во тоа време, а истрагата траела шест месеци“.


Албанезе подоцна додал дека Навид Акрам не бил на ниту една листа за следење терористи. За австралиската телевизија „ABC“ изјавил дека „нема докази за договарање, нема докази дека овие лица биле дел од ќелија“, но потврдил дека биле мотивирани од „екстремистичка идеологија“. Исто така, потврдил дека полицијата не трага по трета личност поврзана со нападот.

Мотивот сè уште под истрага

Комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мал Лејнон, рекол дека помладиот Акрам бил „многу ограничено“ познат на полицијата и дека пред неделниот масакр немало никакви индикации дека планира напад.

Полицијата денес соопшти дека е прерано да се потврди мотивот на нападот, вклучувајќи и шпекулации дека целта била еврејската заедница во Сиднеј, која во неделата го славела првиот ден на Ханука. „Сакам нашите истражители да имаат можност темелно да истражат без шпекулации“, рекол комесарот. „Слушнавме дека пристигнуваат многу информации. Сакам да се осигурам дека се точни… нашата истрага ќе биде темелна“.